Пушењето згаснува 7,2 милиони животи во светот

Овој нездрав порок е причинител за разни заболувања, почнувајќи од срцето, белите дробови, очите, грлото, респираторните патишта… Тие се причина број еден за оштетување и затнување на крвните садови на срцевиот мускул, од што, пак, произлегуваат коронарни заболувања, градна болка, срцев удар, срцево попуштање и аритмии, вели специјалистката по интерна медицина д-р Славица Ќуксановска

Секоја година само околу два проценти од пушачите успеваат да се откажат од својата зависност од никотин, вели специјалистката по интерна медицина д-р Славица Ќуксановска. Зависноста од никотинот е хронична состојба, која бара континуирана терапија, односно континуирана издржливост во одлуката да се прекине со консумација на никотин за таа да успее. На многу од луѓето што веќе развиле зависност од никотинот им е потребна стручна помош од психијатар, за моментот на слабост да се надмине и да се истрае.

Пациентите најчесто добиваат фармаколошка т.е. супституциска терапија, кога, наместо никотински препарати, се консумираат одредени препарати што се помалку штетни за организмот.
Пушењето згаснува 7,2 милиони животи во светот, со што овој порок стана поголем убиец и од сидата, маларијата и туберколозата, наведено е на интернет-страницата на Светската здравствена организација. Европскиот регион, според Светската здравствена организација, има најголем број пушачи, односно 28 проценти, меѓу кои најмногубројни се жените, дури 19 проценти.

Дури 46 проценти од жителите во Македонија пушат цигари. Најголеми консументи на тутун се лица меѓу 35 и 64 години, кои сочинуваат 52 отсто од населението. Ова се официјално презентираните податоци на меѓународниот ден против пушењето, објавени минатата година од Институтот за јавно здравје.

Овој нездрав порок е причинител за разни заболувања, почнувајќи од срцето, белите дробови, очите, грлото, респираторните патишта… Тие се причина број еден за оштетување и затнување на крвните садови на срцевиот мускул, од што, пак, произлегуваат коронарни заболувања, градна болка, срцев удар, срцево попуштање, аритмии…

Според Ќуксановска, пушењето комбинирано со зголемено ниво на холестерол, покачен крвен притисок, зголемена телесна тежина (обезитас), зголемено ниво на шеќер во крвта или користење контрацептивни препарати може да биде причина за срцеви и мозочни удари.

– Во однос на респираторните патишта и белите дробови, се претпоставува дека бројката на смртни случаи предизвикани од пушењето во 21 век ќе достигне над еден билион. Пушењето претставува основен ризичен фактор и е основна причина за појава на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Основен и најефикасен третман за таквите пациенти е престанок на пушењето. Најновите студии покажале дека пациентите што ја примаат дезопструктивната терапија и престанале да пушат цигари имаат 50-70 проценти подобрување во капацитетот на белите дробови, во однос на оние што примаат терапија и не престанале да консумираат цигари. Според Светската здравствена организација, 80 милиони луѓе во светот имаат напредна или тешка форма на ХОББ.

– Пушењето ќе биде трета водечка причина за смртност во светот генерално. Многу пациенти остануваат недијагностицирани и покрај силните симптоми и намалениот квалитет на живот, по што смртта настапува предвремено или поради компликации – вели Ќуксановска.

Пушењето цигари е причина број еден за развој на карцином на белите дробови.

– Чадот од цигарите е токсичен микс на повеќе од 7.000 хемикалии, од кои барем 70 се докажани предизвикувачи на карцином на белите дробови. Кај пушачите постои 15-30 пати поголема веројатност дека ќе развијат карцином на белите дробови или ќе починат од истата болест, отколку оние што ќе заболат од карцином на белите дробови а не се пушачи. Мора да се напомене дека и кај оние луѓе што не се континуирани пушачи ризикот за појава на карцином на белите дробови е поголем.

Откажувањето од пушење на која било возраст може да го намали ризикот од појава на карцином на белите дробови. Пушењето може да предизвика карцином на секој дел од човековото тело, како на пример усната празнина, грлото, хранопроводот, дигестивните органи, црниот дроб и панкреасот, репродуктивните органи… – објаснува докторката.

Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година бројот на починати лица изнесувал 20.318, од кои 55,0 проценти починале како последица на болести на циркулаторниот систем, или кардиоваскуларниот систем, за кои како една можна причина се и цигарите.