Протести во Аеродром по одлуката за дисперзија на зависниците во општинските пунктови

43

Пред поликлиниката „Јане Сандански“ во општината Аеродром викендов се одржа мирен протест во знак на револт од одлуката на Министерството за здравство метадонска терапија на зависниците да им се дава во општината каде што живеат. Учесниците на протестот истакнаа дека одлуката на ресорното министерство е неприфатлива затоа што во близината на поликлиниката има градинки и училишта. Побараа да се отворат посебни места со таа намена и сугерираат тоа да бидат локации што не се многу населени. Протестот беше организиран од „Граѓанската иницијатива – гласот на Аеродром“.

Министерството за здравство, пак, во петокот соопшти дека се во тек подготовки за дисперзија на дел од пациентите вклучени во програмата за третман и превенција од зависности во центарот во Кисела Вода и оти тие ќе бидат распределени во согласност со општината во која живеат и според локациите на кои ќе бидат пунктовите. Дисперзија ќе следува во општинските пунктови што се наоѓаат во поликлиниките „Јане Сандански“, во населбата Ченто и Бардовци и во градската општа болница „8 Септември“ во Карпош.

Според министерството, се решава децениски проблем со Центарот за зависности во Кисела Вода.