Пропаганда и манипулации со вистината преку социјалните мрежи

88
Карикатура: „Нова Македонија“

ИСТРАЖУВАЊЕ НА БРИТАНСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ОД ОКСФОРД

Во генералниот заклучок во извештајот за 2019 година, кој важи и за нашата држава, е регистрирано дека е забележан пораст на пропаганда што е придружена со „нови интернет-алатки, спроведена од ресурси и институции во состав на однапред испланирани стратегии за оваа намена“. Регистрирани се и докази дека во политичките кампањи токму преку социјалните мрежи силно се манипулира со вистината, а годинашниов извештај на оксфордскиот универзитет дополнително бележи значителен пораст на овие активности во однос на 2018 година. Нашата земја е прозвана по повеќе основи

Во Македонија, како и во четири други земји од нашето опкружување, социјалните мрежи се користени како алатки за политички манипулации и ширење дезинформации.
Ова е само дел од заклучоците на последното истражување на Универзитетот од Оксфорд, насловено „Глобален поредок на дезинформациите“, во кое се наведуваат начините за манипулација на јавноста извршена преку социјалните мрежи.
Во обемната анализа на британски универзитет, во која е вброена и Македонија, се опфатени дејствувањата на интернет на седумдесет земји од светот, а од соседството се анализирани уште и Босна и Херцеговина (БиХ), Хрватска, Грција и Србија.
Вакви истражувања се прават и се публикуваат еднаш годишно, а првпат започнале да се спроведуваат пред три години.

Во генералниот заклучок во извештајот за 2019 година, кој важи и за нашата држава, е регистрирано дека е забележан пораст на пропаганда што е придружена со „нови интернет-алатки, спроведена од ресурси и институции во состав на однапред испланирани стратегии за оваа намена“.

– Во најголем дел од државите во светот се регистрирани и докази дека во политичките кампањи се манипулира со вистината преку социјалните мрежи, а годинашниов извештај дополнително бележи и пораст на овие активности во однос на 2018 година – пишува во анализата.

Во истражувањето се наведува дека во денешно време многу авторитарни режими во светот користат компјутерска пропаганда, која како алатка за информација може да изврши влијание врз јавното мислење, кое потоа поттикнува цензура, ја дискредитира опозицијата и ги потиснува фундаменталните човечки права во одредена земја.
Во делот што се однесува на нашата држава се наведува дека на мрежата Фејсбук се бришат профили што се директно инволвирани во политиката и координирано се поврзани во дејствувањата на политички партии и влади, а се основани и опслужувани во Македонија. Во групата земји со вакво дејствување на социјалните мрежи, освен нашата земја, се вбројуваат и Египет, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд.

Натаму, во документот од Оксфорд се додава дека на интернет-страниците во светот се регистрирани публикации и текстови со комплетно невистинита содржина испишани на македонски јазик, како и на јазиците од повеќето држави што се анализирани.
Воистражувањето се подвлекува дека во Македонија најмногу се шират манипулации од политички партии. Британските истражувачи, анализирајќи ги состојбите во Македонија, заклучиле дека во нашиот интернет-простор лажните вести се шират од компјутеризирани профили (т.н. ботови), но и истовремено од лажни профили водени од наши граѓани.

Од друга страна, во документот од Оксфорд се заклучува и дека социјалните мрежи во земјава се алатка преку која одредени индивидуи поттикнуваат напади врз политичките опоненти и шират пораки на насилство и говор на омраза.
Истражувањето ја вброило нашата држава и во групата земји во кои се користат специјализирани стратегии чија цел е дезинформирање и популаризирање политички содржини.

Натаму, истражувањето од Оксфорд стигнало до заклучокот дека во Македонија, како и во неколку други земји, дејствуваат и групи на т.н. интернет-војници, кои преку своето дејствување влијаат врз изборите во матичните, но и во други земји.
За издвојување е и делот од документот во кој се дефинира „компјутерската пропаганда“ што е присутна во Македонија, а која, според научниците од Оксфорд, се спроведува преку интернет-алгоритми, автоматизирани компјутери и манипулација со податоци од јавниот живот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Овој вид пропаганда станува сѐ поприсутен во светот и е составен дел на секојдневието на граѓаните – заклучуваат научниците.
Според истражувањето, најмасовни интернет-платформи на кои се спроведува овој тип компјутерско дејствување се Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Јутјуб и Ватсап.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи го последното истражување на Универзитетот од Оксфорд, вели дека не е изненаден од фактот дека нашата држава се нашла во оваа анализа поврзана со манипулации и ширење лажни вести и дезинформации преку интернет.

Политикологот вели дека ако се погледне наназад, изминативе години беа навистина турбулентни во одвивањето на политичките процеси поврзани со пречките на нашиот пат за зачленување во НАТО и во ЕУ, бидејќи токму во тој период влијанието на лажните вести стана најдоминантно и лесно можеа да го забележат сите граѓани на државата.

– Дополнително, Македонија е и плодна почва за ширење дезинформации во политички кампањи во странство, а како истакнат пример на тоа може да се вброи и велешката хакерска група, која, според пишувањето на медиумите, значително влијаела врз изборот на американскиот претседател Доналд Трамп – вели Стефаноски.
Инаку, нашата влада неодамна изработи и официјална стратегија за борба со дезинформациите на интернет, што, барем според ова истражување, се покажа како оправдан чекор.

[email protected]