Фото: Маја Јаневска Илиева

Дигиталната мониторинг платформа за следење на квалитетот и загадувањето на реките, изработена во рамките на кампањата „Разбистри сѐ”, беше промовирана денеска од страна на управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Податоците на УХМР се од исклучителна важност за да се проценат промените што настануваат во реките поради интензивните испуштања на отпад, отпадни води, пестициди и на други загадувачки материи од домаќинствата, земјоделството и индустријата во речните води, како што истакна претставникот на Институтот за комуникациски студии, Дејан Андонов, во својот воведен говор.

– Целта е да се обезбедат информации за статусот на водите, но и податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита – порача Андонов.

Радмила Бојковска од Секторот за квалитет на води на УХМР, посочи дека и досега тие ги објавувале податоците за квалитетот на водите, но во нумерички вредности кои не биле разбриливи за пошироката јавност.

Од УХМР посочија дека новата дигитална алатка ќе ја поткрепат со нови хидролошки податоци.