Промовирана бесплатна телефонска линија за помош на новинари

52
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мисијата на ОБСЕ во Скопје во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска на прес-конференција ја промовираше бесплатната телефонска линија 0800-11-011 за помош на новинари во случај на закани, напади и насилство кон новинарите.

-Нападот врз новинарот е напад врз демократијата. Заканите и заплашувањата често доведуваат до самоцензура, го ограничуваат просторот за проток на идеи и мислења. ОБСЕ со својот сеопфатен пристап кон безбедноста, работи на обезбедување услови медиумите да работат слободно и новинарите да можат непречено и безбедно да ја вршат својата работа – без страв од заплашување или закани, рече заменикот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдстајн.

Како што соопштија од Мисијата на ОБСЕ, на прес-конференцијата Ѕвездан Георгиевски во својство на в.д. претседател на ССНМ, истакна дека квалитетно новинарство не е можно без постоење услови за безбедна работа на новинарите и медиумските работници.

-Клучно е на нашите колеги да им овозможиме помош кога ќе се соочат со кој било вид на насилство, рече Георгиевски.

Бесплатната телефонска линија ќе функционира 24/7 и ќе овозможи помош и поддршка на новинарите и медиумските работници во случај на заплашувања, закани, вербални или физички напади, онлајн вознемирување, родово насилство, уцени и останато загрозување на безбедноста. Телефонскиот оператор ќе ги советува новинарите и медиумските работници како да постапат во одредени специфични ситуации преку информирање за механизмите на делување кои им се на располагање.

Мисијата на ОБСЕ денеска донираше и елеци и заштитни капи за репортери членови на Здружението на новинари (ЗНМ).