Пролетта стигна, екологијата никако да дојде

183
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во светот од поодамна се води активна кампања за подобро здравје на населението и за спас на планетата. Но кај нас ситуацијата воопшто не е таква. Освен декларативното одбележување на деновите на пролетта и на екологијата, кога се мавта со знаменца и памфлети за почиста и здрава животна средина, во основа многу малку се прави за да се спречи и да се надмине целокупната состојба со загадувањето

Доаѓањето на пролетта по правило секогаш се врзувало со екологијата и здравата животна средина. Но што го одбележува кај нас доаѓањето на најубавото годишно време од еколошки аспект.
Енормно загаден воздух, загадена почва, загадени води, стотици диви депонии, расфрлено ѓубре насекаде е генералната карактеристика што ја одликува нашата држава во време кога светот сè повеќе се свртува кон екологијата и заштитата на природната средина.
Во светот од поодамна се води активна кампања за подобро здравје на населението и за спас на планетата.
Но кај нас ситуацијата воопшто не е таква. Освен декларативното одбележување на деновите на пролетта и на екологијата, кога се мавта со знаменца и памфлети за почиста и здрава животна средина, во основа многу малку се прави за да се спречи и надмине целокупната состојба со загадувањето. Почнувајќи од воздухот, по чија загаденост станавме апсолутни светски прваци, па до загаденоста на водата, почвата, опустошување на шумите итн.

Притоа во време кога македонските градови уриваат светски рекорди според загадувањето на воздухот, државата одвојува малку пари за екологија.
Мерките од типот на субвенционирање за купување печки на пелети, инвертор-клими, велосипеди или сончеви колектори, се за поздравување, но тоа само малку загребува по површината на најгорливиот проблем за нас, загаденоста, без да ја решава. Да биде иронијата уште поголема, од една страна државата дава субвенции за зачувување на природната околина, а од друга страна субвенционира купување огревно дрво, со што директно придонесува за пустошење на шумите и подоцна за загадување на воздухот предизвикано од греењето на дрва.

Гасификацијата, која се најавува цели 25 години, никако да се реализира, а најактуелна станува пред секои избори, кога секој кандидат за градоначалник најавува дека ќе ги гасифицира својот град или населено место.
Еколошкото дивеење на локално ниво е уште поголемо. Безмилосно се уништуваат шуми, реки, езера, се гради во заштитени подрачја, се уништуваат ендемски видови, а институциите си ја префрлаат топката, правдајќи се дека не се тие надлежни да постапуваат или, пак, дека немаат доволен број инспектори.

На Матка незаконски се градат платформи, во Струга се уништува трската заради изградба на некакви објекти, во Лагадин се гради хотел буквално во заштитено подрачје, шумата на Водно се исече заради изградба на гасовод, индустриските капацитети ги излеваат водите во реките, поморите на рибите стануваат секојдневие, а нуркачите од езерата вадат само отпад. Тоа е нашата реалност. И нашата вистина, која не смее да се премолчи на Денот на пролетта и Денот на екологијата. Зашто на крајот на краиштата цената на негрижата и загаденоста е прескапа и ја плаќаме сите ние. Огромен проблем се и регионалните депонии, бидејќи освен „Дрисла“, ниту една друга депонија не ги исполнува условите за дејноста за која е наменета. Таму отпадот се пали без да се води сметка што се гори и што се ослободува во воздухот, почвата и водата.

Друг фактор се несовесните граѓани, кои со своите постапки свесно или несвесно ја загадуваат природната средина.
Во образованието се посветува малку внимание на екологијата, така што генерациите што доаѓаат не се ништо повеќе еколошки свесни од своите претходници. Додека средношколците низ светот минатата недела ги напуштија училишните клупи и маршираа за почист воздух, кај нас изостана некаква слична акција. Неодамна купишта отпад беа исфрлени од дворовите на студентските домови во Скопје, како резултат на неодговорноста на студентите, кои ѓубрето го фрлаат каде што ќе стигнат.
Но не само студентите, ваквата практика ја применуваат и другите неодговорни граѓани, кои фрлаат отпад од балконите или го оставаат покрај контејнерите, па подоцна ѓубрето го развлекуваат мачките и кучињата-скитници.
Ништо подобра не е ситуацијата и со заштитата на зелените површини низ градовите, каде што урбаната мафија за да дојде до што поголем профит, гради со несмален интензитет, без да води сметка за зеленилото.
Посадените цветни површини прекуноќ се крадат, а садниците се кршат уште пред да ги пуштат првите ливчиња.

Еколошката акција попозната како „Ден на дрвото“ беше општо прифатена од сите, но за кратко се исполитизира и го загуби својот вистински дух, туку се претвори во поле за политичка пресметка меѓу тогашната власт и опозицијата.
Еколозите сметаат дека се потребни повеќе пари за еколошки проекти.

– Сè уште не се формирани фонд за животна средина и фонд за енергетска ефикасност, иако беа ветени пред две години. Кога ќе се формираат, очекувам повеќе средства за еколошки проекти – вели Ана Чоловиќ-Лешоска од „Екосвест“.
Според неа, ситуацијата од година на година се подобрува, но треба уште да се работи на издигањето на свеста кај луѓето.

– Последниве четири до пет години еколошката свест кај луѓето постојано расте. Сега преку социјалните мрежи редовно има дојави за палење отпад или друг вид загрозување на природната средина, а имаше пријави и за градење во заштитени подрачја – истакнува Лешоска.
Околу два отсто од територијата на државата се под водна површина. Има околу 35 реки и 53 природни и вештачки езера. Според количествата на водни ресурси, Македонија спаѓа во подрачје со задоволителни водни ресурси, но според испитувањата на надлежните служби, голем дел од тие води се загадени, најмногу со пластичен отпад, гуми, стара бела техника, тешки метали и со пестициди. Речиси секоја година нуркачи и активисти од еколошките друштва ги чистат водите на природните и вештачките езера, вадејќи купишта пластични шишиња, автомобилски гуми, стари телевизори, теписи и што ли уште не.

Фото: Игор Бансколиев

Слична судбина ги погодува и реките, кои најмногу се на удар на индустријата, која отпадните води од производствените процеси директно ги истура во речните корита, загадувајќи ги флората и фауната.
Водите на Вардар, Пчиња, Треска, Црна, Брегалница и уште на редица други реки, се постојано загадени, поради што за некои од нив има континуирана забрана за капење или за користење за каква било употреба.

– Сите студии на реките и на речните сливови покажуваат енормно загадување на водите, иако во последните години има одредени активности за изградба на пречистителни станици преку кои се третираат отпадните води – вели професорот Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет.
Според него, со новите закони сега индустријата е принудена да поставува прочистителни станици, но проблемот се јавува кај третманот на комуналните води.

– Третманот на комуналните води е скап процес и затоа слабо се спроведува – нагласува Стафилов.
Тој додава дека има загадување и на почвата, најмногу со пестициди, а екологистите предупредуваат и на токсични загадувања на почвата покрај големите индустриски капацитети.
Земјоделците користат пестициди за уништување на напасниците. Со тоа се зголемува производството на храна, но се уништува дивиот жив свет. Освен тоа, пестицидите ја загадуваат и храната наменета за човекот.
Почвата во околината на велешката „Топилница“, околу „Охис“ и околу другите индустриски капацитети е целосно загадена со тешки метали и ќе бидат потребни стотина години таа да се исчисти. Низ државата има повеќе јаловишта, кои во голема мера ја загадуваат околината.
Загадената почва предизвикува и загадување на површинските, но и на подземните води. Токму загадувањето на подземните води е особено опасно, бидејќи во повеќето градови системите за водоснабдување црпат вода од подземни бунари.
Гевгелија, Велес, Тетово, Свети Николе, Прилеп, Гостивар, Битола се некои од градовите во државата каде што со години квалитетот на водите за пиење беше загрозен.

– Проблемот со загадувањето е комплексен и мора да се работи на решавање на сите загадувачи. Како долгорочни мерки што би ги посочиле за справување со загадувањето, се транзиција од употребата на фосилните горива кон обновливите извори на енергија и поголема енергетска ефикасност на објектите – вели Маја Морачанин, пратеничка во македонското собрание и застапничка на зелената опција.
Според неа, мора да се штеди енергијата, бидејќи енергијата што сега се добива се произведува со употреба на јагленот.
– Државата мора да вложува во субвенционирање на обновливите извори на енергија – смета Морачанин и додава дека освен субвенционирањето на фотоволтаични централи, треба да се размислува и за помош на граѓаните што индивидуално ќе постават фотоволтаици на своите домови.
Манифестациите од типот „Денови на екологијата – денови на пролетта“, или како денешниот Ден на водите, треба да послужат за практична примена на мерките што ќе доведат до реално подобрување на состојбата со заштитата на природната средина, а не само за изведување претстави и држење говори за тоа „колку е важна екологијата“. Потребна е акција, веднаш, сега.


Ѓубриште долго над 30 километри

Во Македонија има над 300 диви депонии и над 1.500 диви селски буништа и ѓубришта, покажуваат податоците на Центарот за современи уметности (ЦСУ) од Скопје.
Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта од ЦСУ ги посочуваат полошкиот регион, а зад него се скопскиот и кумановскиот регион.
– Интересен е факот што најголемото ѓубриште е долго над 30 километри и се наоѓа на двата брега по течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце, каде што практично купиштата ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат над 30 километри, а најголемото растојание без ѓубре на овој терен е неполн километар – велат од центарот.

[email protected]