Продолжува расправата за вториот нацрт-амандман на Уставот

68
Фото: Игор Бансколиев

Комисијата за уставни прашања ја продолжи расправата за нацрт уставните амандмани, во рамки на втората фаза од постапката за менување на Уставот на Република Македонија. Таа вчера го усвои Првиот нацрт-амандман за промена на Уставот со десет гласови „за“ и пет проти, со кој се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во член 36 каде има историски аспект, а ја започна и расправата за вториот нацрт амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор. И на вториот ден опозицијата и власта останаа на спротивни ставови.

Опозицијата повторно обвини дека целиот процес за промена на името и Уставот се одвивал нетранспарентно и без консензус и оти не е испочитувана волјата на народот искажана на референдумот. Предложија со нацрт-амандман да се обезбеди заштита на сето она што значи менување на уставно име.

На ова реплицираше заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски кој ги отфрли обвинувањата дека процесот бил нетранспарентен и оти не била консултирана опозицијата. Посочи дека биле одрзани шест тет-а-тет средби за да се објасни целиот процес.

За вториот Нацрт-амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен диговор. Опозицијата обвини дека со овој амандман и измените што се прават во Преамбулата се бришат деветте одлуки на АСНОМ, од кои, како што рекоа,  четири имаат државотворно значење. Заменувањето на одлуките со Прогласот, рече не смее да се прави, бидејќи Прогласот е само известување до граѓаните за донесените одлуки. Вметнувањето на Рамковниот договор, според пратениците од опозицијата, е дополнително проблематично и тоа отвора можности за федерализација и бинационална држава. Со ставањето на Рамковниот договор во Преамбулата, се отвора можност да се прогласи албанскиот јазик за службен на целата територија на државата.

На ова реплицираше Жерновски, кој истакна дека тоа е апсолутна невистина и груба измама на граѓаните на Република Македонија.

-Да се каже дека одлуките од Прогласот се бришат е ноторна невистина. Напротив она што го кажуваме и што премиерот го потенцира она што ние го правиме и правните решенија за кои зборуваме од Прогласот дополнително се потенцираат и зајакнуваат, рече Жерновски.

Седницата на собраниската Комисија за уставни прашања може да трае 12 дена, а пленарната седница веќе е закажана за 1 декември. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас по што треба да се организира јавна расправа чие времетраење го утврдува Парламентот. По ова, Владата ги изготвува предлог-амандманите и повторно ги доставува до Собранието кое треба да ги донесе со двотретинско мнозинство или за нив ќе треба да гласаат најмалку 80 пратеници. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.  

На 19 октомври Собранието со 80 гласови „за“ ја донесе одлуката за пристапување кон уставни измени, согласно договорот од Преспа. За потребата за уставни измени гласаа и осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.