Проветрување во судството, дали и кога

502
Фото: Дарко Андоновски

Најавите за спроведување ветинг во судството ја отворија и дилемата за професионалноста и капацитетите во оваа сфера. Мислењата на политичарите и на експертите се различни

Има ли Македонија капацитет да го спроведе ветингот во судството и располага ли државата со професионални правници за да го зацврсти својот судски систем и да го осигури дејствувањето на правната држава. Овие дилеми станаа актуелни во домашната јавност по изјавата на премиерот Зоран Заев, кој рече дека се откажал од ветингот во судството за земјава да не остане без судии.
Премиерот уште нагласи дека останува на ставот за ветинг и во судството и во другите институции, но причините што сѐ уште не се спровел, е дефицитот на судии и обвинители.

– Распуштање со право на реизбор беше нашиот став за судството. Со европските партнери кога разговаравме побараа лична одговорност, а не колективна. А втората причина е ресурскиот капацитет како да се пополнат испразнетите судски и обвинителски места, ако тие заминат по ветингот – рече премиерот.
Заев истакна дека во државата има 750 судиски места според систематизација, а во моментов има 520 судии.

Според премиерот, ако се прочистат уште 300 нема како да се пополнат, иако Академијата за судии и обвинители веќе има конкурс.
Во меѓувреме, со свој став се и познавачите на состојбите во македонското судство.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека дилемата што ја отворил премиерот е непотребна, а стравот од ветингот е неоснован.
Според Илиев, Македонија и онака има повеќе судии од европскиот просек и воопшто нема потреба од стравување за пополнување на кадрите, кои со професионалната смена би се пополниле со нови правници.

Тој подвлекува дека во нашата држава дополнително има приближно 4.000 адвокати и уште неколку стотици стручни соработници, кои со години професионално работат во сите инстанци на судовите и кои во практика во некои околности повеќе од судиите го носат товарот на професијата.

– Јас верувам дека ако сакаме да ја подобриме државата и ако сакаме да ги професионализираме нашите судови и целото правосудство ветингот е потребен механизам, кој би требало да се спроведе – вели Илиев.
Слично размислува и поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски и додава дека мора да има професионализација во редовите на судиите бидејќи и тие како и другите носители на јавни функции треба своите дејствувања да ги практикуваат чесно и во согласност со законот.

Ивановски објаснува дека на крајот на краиштата секој што станува судија положува заклетва дека чесно ќе си ја врши должноста, но гледано од денешна перспектива, за жал, се заклучува дека изминативе 15 години тоа не е така.
Според поранешниот судија, ако реално се погледнат овие односи во државата и општеството ќе се заклучи дека заклетвите на судиите и нивните ветувања за професионалност не се исполнети.

– Јас мислам дека не е точно дека немаме способни чесни и вредни луѓе во судовите, но реалните односи и моменталните состојби во овој дел на државата се многу нарушени. Од тие причини дури и оние што професионално си ја вршат работата се засенети од дејствувањето на непрофесионалните судии и обвинители – вели Ивановски.
Судијата советува државата што поскоро да го спроведе овој механизам, да го замени непрофесионалниот кадар со високостручен кадар и со реформите, на овој начин, да го исфрли политичкото влијание од судницата.

[email protected]