Пријателството со Јапонија потврдено со нови грант-проекти

253
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јапонската амбасада го одржа првиот прием по повод роденденот на новиот цар со потпишување на четири нови грант-проекти со Република Македонија. Проектите се наменети за подобрување на условите од областа на едукација, здравство и јавните услуги. Проектите беа потпишани од јапонската амбасадорка во Македонија, Кеико Ханеда, и македонските претставници во Скопје.

Одобрени се вкупно десет проекти од кои шест се потпишани лани и веќе се имплементираат, а целта е да се подобрат основните човекови потреби во нашата земја.

Новопотпишаните проекти се наменети за подобрување на условите во градинката „Мајски Цвет” во Битола, преку реконструкција на покривот во објектот градинка „Коца Василева”,  подобрување на училишната средина во основните училишта „Кирил и Методиј” во Прилеп, во училиштето „Алија Авдовиќ” во Општина Студеничани и во училиштето „Светозар Марковиќ” во Старо Нагоричане.

Амбасадорката Ханеда истакна дека со потпишувањето на проектите повторно се потврдува пријателството меѓу Македонија и Јапонија, како и посветеноста на Јапонија во поддршка на реформите за европската интеграција на нашата земја.

– Годинава успеавме да направиме десет нови грант проекти со нашите партнери од различни региони. Јапонскиот народ е среќен како пријател на вашата земја дека ќе имате придобивки од сите овие проекти. Јапонија ќе продолжи да ги поддржува вашите реформи и напори – изјави амбасадорката Ханеда.

Таа додаде дека ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да го зајакне пријателството помеѓу двете земји. 

Според министерот за здравство, Венко Филипче, речиси 15 години здравствениот сектор добива помош и значајна поддршка од амбасадата и народот на Јапонија. 

– Една добра карактеристика на целата оваа помош која со години наназад стигнува од амбасадата на Јапонија е тоа што е многу добро селектирана и многу добро служи. Служи на експерти, пациенти, на широко население кое покрива здравствени услуги во град, регион или помало место, Сѐ што е донирано од јапонската амбасада сѐ уште функционира – истакна министерот Филипче.

Свое обраќање имаше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми.

– Јапонија останува еден од најголемите надворешни пријатели на нашата земја, и континуирано ја поддржува државата во заложбите за нејзин развој и просперитет, преку подобрување на условите и состојбите во многу општествени сфери и сегменти. Унапредувањето на образовната инфраструктура и на квалитетот на наставата во основните и средните училишта е врвен приоритет на Министерството за образование и наука – изјави Адеми.

На приемот, по повод Националниот ден на Јапонија, кој е воедно и роденденот на јапонскиот цар, своја изведба одржа виртуозот по шакухачи бамбус флејта, наградуваниот Јосуке Ирие.