Претставници на ОБСЕ/ОДИХР и ААВМУ разговараа за претстојниот референдум

110

Делегација на ОБСЕ/ОДИХР, предводена од вишиот советник за избори, Стивен Мартин денеска во седиштето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) со претседателот на Советот на Агенцијата, Лазо Петрушевски и претставници на стручната служба разговараа за медиумското покривање и активностите на Агенцијата поврзани со претстојниот референдум.

Од ААВМУ соопштија дека нивните претставници информирале дека со оглед на тоа што во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните нема прецизни правила за начинот на известување на медиумите и емитувањето јавна пропаганда, изготвени се нацрт-препораки, кои ќе бидат финализирани откако на 17 август ќе заврши јавната расправа.

Во однос на појаснувањето на ДИК за медиумите и медиумското претставување, Агенцијата го повторила својот став дека на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до платената јавна пропаганда, со еднакви цени за сите.