Преспа повторно влезе во големата историја

830

Имала Преспа славни моменти и славни личности во својата историја. Ако се направи некаква ретроспектива, ќе се види дека тие имале големо значење во историјата на Македонија – од Самуил до Младотурската револуција, од формирањето на ВМРО до одлуките за АСНОМ, па сѐ до потпишувањето на договорот за името меѓу Македонија и Грција и новото име – Република Северна Македонија

Преспа повторно влезе на голема врата во македонската историја. Тоа се случи со потпишувањето на историскиот договор меѓу Македонија и Грција во селото Псарадес на грчка територија и со ручекот во ресторанот во Отешево, на македонскиот дел од Преспанско Езеро. Псарадес (порано, а и сега на македонски јазик) со векови го носи името Нивици. Не е познато дали по името на ова најрибарско село го добила името познатата ситна риба нивичка (циронка) или, пак, селото го добило името по неа. Но познато е дека Нивици било чисто македонско село, кое, како и целата област викана Мала Преспа, по балканските и Првата светска војна, ѝ припаднало на Грција. Со неколку меѓународни договори од пред рамно сто години, преспанската котлина од природно единствена, компактна географска, етничка, етнографска, верска, јазична, економска, климатска и културна целина е вештачки разбиена и поделена на три тогашни држави – Србија, Грција и Албанија. Нивици ѝ припадна на Грција и оттогаш грчките власти се потрудија да ги искоренат секој знак, белег и име што има македонски предзнак.

Отешево е од другата страна на езерото, на нашата, македонска. Порано било мало но живо село, потоа туристичка населба. Селото одамна е умрено, а туристичкото место е градено веднаш по Втората светска војна, како летен центар за престој и одмор на функционери на полицијата, ОЗНА и УДБА. Во текот на градбата Отешево било логор во кој биле затворени непријатели на новите власти, соработници на бугарскиот окупатор, бугараши, воени богаташи и разни други непријатели на новото комунистичко општество. Логорашите ги граделе вилите и рестораните, меѓу нив и најпознатиот хотел на западниот дел од езерото – хотелот „Југославија“. Од познатото Отешево, денес нема речиси ништо, освен урнатини, пустелија. Урнати се шесте вили, големиот ресторан, по голем пожар е опустошен хотелот „Југославија“. На неговите краеви има само две живи локации – сегашниот пансион, каде што беше организиран ручекот за двете делегации, и едно симпатично катче што се нарекува Стар логор, со неколку куќички и камп-приколки.
 
Од Самуила до Младотурската револуција
 

Имала Преспа навистина славни моменти и славни личности во својата историја. Без да се оди со милениуми наназад, може да се изнесат само некои, главно, потврдени историски факти. Имено, од 42-годишното постоење на Самуиловата држава, околу 25 години Преспа била нејзин државен и духовен центар, со својата престолнина на островот Ахил, на Мало Преспанско Езеро, каде што Самуил, наводно, изградил прекрасен дворец. На островот ги пренел моштите на епископот од Лариса, свети Ахил, во чија чест местото го добило денешното име. Има научни претпоставки дека Самуил умрел таму скршен од болка за стоте илјади ослепени војници. Таму бил погребан, но нема некои археолошки докази за да го потврдат тоа мислење. Со овој период се поврзани и легендите за Преспана, како и една од најубавите и најтрагични историско-љубовни приказни, приказната за црногорскиот кнез Јован Владимир и Косара, Самуиловата ќерка.

Со Преспа и Ресен, илјада години подоцна, е поврзан и друг настан, кој имал не само балканско туку и европско значење. Во Ресен, со одметнувањето во планина на потполковникот на турската армија Нијази-бег, започнала Младотурската револуција во 1908 година, револуција што беше почеток на процесот за коренити промени на Турција. Нијази-бег Ресенли, Албанец по потекло, упатил прокламација до христијанското население во Дебар, Преспа, Струга, Ресен и во Охрид, во која го повикува на заедничка борба против султановиот апсолутизам. Имал средби и со македонските револуционери Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Тодор Паница и други. Него го фотографирале и браќата Манаки. Од Нијази-бег е и познатата градба „Сарајот“ во Ресен, впечатливо здание направено како копија на некоја иста зграда во тогашен Париз. Денес е дом на културата и таму се сместени илјадатина експонати од Ресенската керамичка колонија, како и слики од Кераца Висулчева, која целото свое сликарско дело работено во Бугарија, околу 500 слики, ѝ го подари на Македонија.
 
Ресенчани во бугарската историја 
 

Неколкумина ресенчани имаат дадено голем удел во бугарската историја, странично и во македонската. Доктор Христо Татарчев, еден од основачите и прв претседател на ВМРО, е роден ресенчанец. Најголемиот дел од животот го помина во Бугарија, во Италија и кратко во Македонија. Тој е организатор и домаќин на Првиот конгрес на организацијата што се одржа во 1894 година во неговата родна куќа. Повод било осветувањето на новата црка „Свети Кирил и Методиј“, позната како бугарска црква, изградена педесетина години подоцна од црквата „Свети Ѓорѓија“, односно од Влашката црква. За време на комунизмот куќата на Татарчеви беше ставена под заштита на државата. Со распадот на комунизмот се распадна и куќата, а пред неколку години владата на Никола Груевски ја обнови според стара слика и ја направи музеј.

Еден од најпознатите ресенчани во бугарската политика е Андреј Љапчев, политичар и државник, кого бугарската наука го рангира меѓу стоте најзначајни и највлијателни личности во бугарската историја. Бил министер на војската, а пет години бил премиер на Бугарското Царство, ја предводел владата во сериозни и кризни периоди. Неговите реформи се вбројуваат меѓу најзначајните меѓу двете светски војни, кога успеал, од заостаната селска и турска, Бугарија да ја трансформира во држава со европски елементи. Не како анегдота, туку како вистина, позната е неговата политичка доктрина, неговото сфаќање за успешно владеење, за успешно решавање на проблемите. Таа максима гласи „со кроце, со благо и со малку ќотек, сѐ може да се реши“. За комплицираноста на етничкото потекло на некои видни политички актери говори примерот на братот на Андреј Љапчев, кој во тоа време живеел во Белград и таму направил успешна кариера. Андреј бил жесток Бугарин, брат му ист таков Србин.
И еден од првите бугарски вистински дипломати бил со потекло од Ресен. Симеон Радев бил член на делегацијата на Бугарија, поточно нејзин секретар и записничар кога во Букурешт се потпишувал договорот за поделба на географска Македонија. Според неговите записи, бугарската делегација не била премногу заинтересирана да добие делови од Македонија што ги добила Србија, освен за Радовиш и Струмица, заради тутуновите полиња. Бугарското внимание главно било насочено да се добие излез на Егејско Море, поточно да го добијат градот Кавала со пристаништето. Подоцна бил прв амбасадор на Бугарија во друштвото на народите во Женева и учествувал во повеќе дипломатски мисии.
 
Нивици и Отешево
 

Нивици, Отешево и Ресен биле поврзани со дејствувањето на македонските партизани во текот на Народноослободителната војна и од партизаните биле третирани како една целина. Двете места биле под италијанска окупација, а Ресен под бугарска. Главна врска меѓу партизаните од двете страни на границата бил гевгеличанецот Јосиф Јосифовски-Свештарот. Не бил свештар (свеќар), но така го нарекле зашто така се претставувал, за да може послободно да се движи меѓу двете окупациски зони. Во Отешево во 1943 година било одржано Преспанското советување на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија (тоа име го носела). Го водел Кузман Јосифоски-Питу. Таму било донесено решение да се започне со формирање повисоки органи на власт на ослободените територии и да започнат подготовките за создавање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, попознато под кратенката АСНОМ. Рамно една година подоцна во манастирот „Прохор Пчињски“ е прогласена Република Македонија како држава на македонскиот народ и народностите што живеат во неа. 

Ете така, како што е погоре опишано, од Самуила до АСНОМ, е формирана македонската држава. И така, преку Долна Преспа, од Нивици до Отешево, стигнавме и до новото име Република Северна Македонија. Преспа и овој пат се покажа како една од најважните локации за одредување на историската судбина на државата на Македонците.