Предлог-законот за Јавното обвинителство од утре во собраниска процедура

51

Новиот предлог-закон за Јавно обвинителство, којшто минатата недела го презентираше премиерот Зоран Заев утре влегува во собраниска процедура. Владејачката партија очекува предлогот да наиде на одобрување меѓу пратениците и со потребното двотретинско мнозинство да се донесе законот според којшто Специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира во Јавното обвинителство за организиран криминал.

За опозицијата, предлогот е делумно прифатлив, иако деталите допрва ќе се разгледуваат. Она што е неприфатливо за ВМРО ДПМНЕ е предлогот на Заев новото обвинителство да биде предводено од актуелната шефица на обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска.

Овој став на опозицијата предизвика зачуденост во Правда, од каде велат дека токму опозицијата го има предложено СЈО да биде дел од обвинителството за организиран криминал, а притоа не предложиле смена на Русковска.

Од ДУИ со јасна поддршка за предложеното решение. Тие сепак сметаат дека тој што ќе го води новоформираното обвинителство не треба да одлучуваат од партиите, туку Советот за јавни обвинители. Законот исто така ќе го подржи и БЕСА, но под услов да биде договорен претходно датум за предвремени избори.

Осумтемина независни пратеници од кои голема мера зависи обезбедувањето на потребните 80 гласа, без претходен договор со ВМРО ДПМНЕ, засега се воздржани. Велат дека уште го немаат видено предлогот за да изградат став дали би гласале за него.