Прв Македонец заразен со коронавирус

506
Јапонските власти вчера потврдија 44 нови случаи на коронавирус на бродот

Откако вчера беше објавен рекорден број и на починати и на новозаразени во текот на еден ден во Кина, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека сѐ уште е рано да се предвиди крајот на епидемијата

Потврдено е присуство на коронавирус или ковид-19 кај еден од македонските државјани на бродот „Дајмонд принцес“, и тој вчера беше хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија. Амбасадата на Македонија во Токио е во комуникација со него, како и со преостанатите двајца македонски државјани, кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама. Тие до вчера не пројавиле симптоми, кои може да укажуваат на присуство на корона вирусот. Ова го соопштија од Министерството за здравство, од каде што посочија дека здравствените институции во Јапонија продолжуваат со спроведување тестови за присуство на коронавирусот кај лицата што се наоѓаат во карантин на бродот и дека при вршење на анализите предност имаат лица со симптоми што укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75-годишна возраст и лица со хронични заболувања.

Јапонското министерство за здравство вчера соопшти дека 44 нови случаи на коронавирус се потврдени на патничкиот брод закотвен во пристаништето од трети февруари. Досега, на бродот се потврдени 218 случаи на заболени од овој опасен вирус, додека 713 луѓе се тестирани.
Откако вчера беше објавен рекорден број и на починати и на новозаразени во текот на еден ден во Кина, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека сѐ уште е рано да се предвиди крајот на епидемијата предизвикана од новиот коронавирус што се појави во Кина.

– Рано е да се зборува за почетокот, текот и крајот на оваа епидемија – посочи Мајкл Рајан, шеф на Одделот за итни случаи на организацијата.
Претседателот на СЗО, Тедрос Адханом Гебреизус, изјави дека оваа епидемија може да оди во која било насока.
СЗО, вчера во Женева, организира конференција на стотици стручни епидемиолози од целиот свет заради наоѓање начини за борба против новата епидемија.

И министрите за здравство на ЕУ вчера одржаа вонреден состанок во Брисел за да се координираат околу кризата со коронавирусот и неговите последици за јавното здравје и економијата. Со тоа треба да се одлучи дали ќе се воведе ограничување врз летовите од и кон Кина, репатријација на европските граѓани и одговорот на кризните центри. 


Како да се превенира

Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните да ги следат и да ги почитуваат мерките за превенција за коронавирусот.
– Да се воведе дополнителна заштита на храната, да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при приготвување на храната. При приготвување месо и јајца тие убаво термички да се обработат, задолжително носење заштитна опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, да се штити населението од настинки, да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често миење на рацете и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, заштита на другите од заболување. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете – препорачуваат од Министерството за здравство.


Стопирани пратките за Кина

Испраќање поштенски пратки од нашата земја кон примачи на подрачјето на Кина нема да се врши во наредниот период, поради привременото стопирање на летовите кон и од Кина, на што беа принудени авиокомпаниите како резултат на ширењето на коронавирусот. Ова го соопштија од Поштата на Македонија, од каде што истакнуваат дека пратките од Народна Република Кина, кои сѐ уште пристигнуваат, се доставуваат според вообичаената динамика.