Прво името, сега и небото

1276

Два борбени авиона вчера во утринските часови извршија прелетувања над Македонија во рамките на мисијата „Воздушно патролирање“ (Ер полисинг) на НАТО. Со ова практично започна и спроведувањето на процесот за контрола на македонското небо што во иднина ќе го врши Грција, а беше најавено и при посетата на премиерот Ципрас на Македонија, во почетокот на април годинава.Целта на овие први летови била да се проверат комуникациите и радарското покривање во македонскиот воздушен простор, пренесуваат новинските агенции од соседството

Со два лета во воздушниот простор над Македонија, во 7.30 и 9.30 часот, вчера, се извршија првите тест-летови на НАТО, кои ги извршија грчки авиони за потребите на мисијата „Воздушно патролирање“ (Ер полисинг) на НАТО.
Со првите тест-летови практично започнува и спроведувањето на процесот за контрола на македонското небо што во иднина ќе го врши Грција, а беше најавено и при посетата на премиерот Ципрас на Македонија во почетокот на април годинава.
Министерството за одбрана (МО) вчера соопшти дека прелетувањата се во функција на подготовката и исполнувањето на условите од страна на Македонија во делот на воздухопловството, како идна рамноправна членка во системот на колективна безбедност.

– Мисијата „Ер полисинг“ е мирновременска задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, за заштита на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО – информираат од МО.

Од АРМ објаснија дека за актуелното случување со прелетувањата на грчки авиони нашата држава сѐ уште нема склучено договор со соседната земја бидејќи станувало збор за пробно прелетување на грчките авиони над нашата држава, а сето тоа било составен дел на актуелен процес за потпишување на ваков договор што се одвивал и раководел на највисоко државно ниво меѓу двете земји.

Оттаму информираат дека овие случувањата биле уредно најавени од сојузничките сили на соседната земја, а нашите безбедносни органи биле навремено и правично информирани за времето и бројот на прелетувањата на небото, за нивната динамика на летање, за маршрутата по која ќе се движат авионите, за моделите и бројот на леталата како и за висината на движењето на авионите, која се била над 1,5 километар.
Според надлежните во војската, на идентичен начин како што беше спроведено тестирањето во земјата, во Црна Гора и во Албанија од регионот редовно се спроведува и НАТО-мисијата „Ер полисинг“ за заштита на воздушниот простор на Алијансата од летала на други сојузнички армии.
До затворање на денешното издание на весникот, сепак, не добивме каква било информација од надлежните во македонската контрола на летањето за тоа дали тие ги регистрирале борбените летала на армијата на Грција, нивниот правец на движење и слично.

Од друга страна, поранешни високи функционери на Цивилната контрола брифираат дека македонската цивилна навигација ги има техничките можности да го регистрира секој лет што ќе влезе во воздушен простор на државата.
Во контекст на актуелните случувања, специјализираниот интернет-порталот „Глобал фајерпауер (ГФ)“ информира дека военото воздухопловство на јужниот сосед има 187 борбени авиони.
Според информациите објавени на порталот, Грција од својата широка палета воени летала на небото, кои ги користи во своите НАТО-мисии, најмногу ги вреднува борбените ловци од типовите „Ф-16“ од американско производство и „мираж 2000“ од француско.

Бугарскиот новински сајт „Актуелно“, пак, повикувајќи се на бугарската агенција БГНЕС, информирајќи за случувањата над македонското небо пишува дека целта на овие НАТО-летови била да се проверат комуникациите и радарското покривање во македонскиот воздушен простор.
– Летовите се дел од подготовката и исполнувањето на условите од страна на земјава во делот на авијацијата, како иден полноправен член на НАТО – пишува „Актуелно“.


Ципрас прв најави дека ќе нѐ брани

За време на посетата на Македонија на почетокот од април грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека военото воздухопловство на Грција веројатно ќе ги преземе надзорот и заштитата на македонскиот воздушен простор.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во македонската влада за тоа дали Грција би го штитела македонското небо со свои воздухоплови кога ќе влеземе во НАТО и дали за тоа ќе бара надомест посочи дека правилата за регулирање на воздушниот сообраќај според НАТО, најлогично е тоа да го извршува токму Грција, бидејќи, таа, впрочем од земјите соседи-членки на Алијансата располага со најдобра авијација.

[email protected]