Правна држава – највисока цел без која не се може

199
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како да ја победиме нашата култура на неказнивост, нашиот менталитет, кој е посилен од инструкциите на ЕУ, и зошто владеењето на правото сè уште личи на тешкоостварлив идеал во Македонија

Македонија не може да се надева на започнување на процесот за членство во Европската Унија доколку не ги заврши итните реформски приоритети, токму затоа Брисел неколкупати побара од власта и од опозицијата во земјата да продолжат со исполнување на реформите каде што можеби највисоко на распоредот се наоѓа обезбедување на дејствувањето на правната држава.

Добро упатените велат дека функционирањето на правната држава е неопходен приоритет, кој треба да го спроведат оние што управуваат со државата, дури и по цена тоа да нема никаква поврзаност со процесите за членство во ЕУ.

Истите соговорници истакнуваат дека тоа е така бидејќи само правната стабилност на земјата со независно судство што ќе биде без политичко влијание и искоренета корупција е здрав темел врз кој може да функционира една модерна европска земја каква што претендира да стане Македонија.
На оваа тема универзитетскиот професор Денко Малески оценува дека целото наше поведение почива врз нешто што е за 180 степени спротивно од правната држава – културата на неказнивост.

– Додека правната држава вели дека за сторен прекршок следува казна, културата на неказнивост значи слобода од последици. Тој судир на две култури, нашата и онаа наметната од Западот, е основата на сите наши несогласувања за прашањата врзани за владеењето на правото, вклучувајќи го и статусот на СЈО. Корените на овој отпор кон правдата и казната се длабоки – смета Малески.

Тој во своја авторска колумна забележува дека ние, имено, никогаш не ја изградивме потребната дисциплина да бидеме строги кон самите себеси, да утврдиме што е добро а што лошо, што е праведно а што неправедно, што е морално а што неморално, што е дозволиво а што казниво, па казнивото да се казни.
– Никогаш не прозборевме и на темата какво образование даваме, што е лошо, што добро и како да се подобри. Ние никогаш не бевме во потрага по одличност, непријателот на доброто и многу доброто. Без тие критериуми, без тие цели, пригрлен од сите, никој со никого не сакаше да се замери. Дури и на оние што сакаа, не им беше дозволено – истакнува професорот.

Според Малески, ова се само навидум ситни работи, но од нив се раѓа цела една култура на однесување.
– Обидот макар и малку човек да се држи до принципите на правната држава во средината во која доминира културата на неказнивост го прави човекот многу осамен. Но ако ја пресликаме оваа состојба во државните институции, ако и таму владеела и владее културата на неказнивост, тоа е погубно по правната држава. Нашето поведение има влијание врз квалитетот на дипломираните идни судии и адвокати, кои наредните четириесет години ќе „зрачат“ со она што го научиле. Но истата култура на неказнивост меѓу судии, обвинители и адвокати веднаш ги покажува резултатите во самите пресуди. Имено, нашата култура на неказнивост разбрана како „секој да си ја гледа работата“, „никој со никого да не се замери“ или дека „основното правило е дека нема правила, па снајди се како умееш и знаеш“, ги создава условите за корупција и злоупотреба на службената должност секаде околу нас, во државата и во нашите работни средини – истакнува Малески.

Професорот резимира дека нашата култура на неказнивост, нашиот менталитет е посилен од инструкциите на ЕУ.
– Затоа, вистинското прашање е како се менува култура, како се менува менталитет. А вистинскиот одговор: со многу труд и посветеност на заедничкото добро, какво што е правната држава, на пример. Без да ја сфатиме длабочината на проблемот и работејќи само на препишување на законите на ЕУ, ќе имаме само закони на хартија, а во практиката неказнивост. Тешко ни оди затоа што срцата и умовите се во прашање. Тие одбиваат да сме строги кон себе и кон другите и да бидеме управувани од закони и правила.Тие заговараат дека нашето бачило ни е судбина. Зошто? Затоа што во него најдобро се снаоѓаат – поентира Малески.

Професорката Беса Арифи во своја стручна студија поврзана со правната држава и владеењето на правото пишува дека сите пораки што континуирано стигнуваат од партнерите на државата што се наши поддржувачи во достигнување на целта на интегрирање на евроатлантските структури, упорно ја нагласуваат важноста на воспоставување одговорност за извршени кривични дела и на беспрекорно владеење на правото.

– Јасно е дека ова ќе биде лајтмотивот на целиот интеграциски процес, кој можеби ќе потрае, но на крајот би требало да резултира со такво општествено созревање што ќе овозможи вистинско функционирање на правната држава – истакнува Арифи.
Според професорката, целиот процес на длабоки општествени промени во ова поднебје започна со студентските протести во, сега веќе далечната, 2014 година, чиј главен слоган беше: „Нема правда, нема мир“.

– Студентите изразија жестоко несогласување со начинот на кој се создаваше правото во оваа држава, а што личеше повеќе на сериско произведување закони за потребите на владетелите, отколку на демократски процес на спроведување на механизмите за контрола и баланс – пишува таа.
Според професорката, речиси пет години подоцна, владеењето на правото сè уште личи на тешкоостварлив идеал.

– Во изминатите години и во последните месеци повеќепати се уверивме дека во политички нестабилни држави владеењето на правото е тешко да се воспостави. Во такви држави, вообичаено, токму правдата е таа што често се жртвува на олтарот на политиката, за да се постигнат одредени цели што се оценува дека се поважни од правдата. А, битката во политиката е секогаш битка на бројки и компромиси. А, во тие компромиси правдата секогаш не е приоритет. Таквата состојба има тешки последици по работењето за достигнување на главната цел, а тоа е воспоставување на начелото на законитост и на носење одговорност за сторени злодела – заклучува Арифи.

Професорот Гордан Георгиев смета дека реформите во делот на правната држава се од витално значење за нашиот пат кон ЕУ, но тие се уште поважни за нас самите.
– Едноставно, без функционирање на правната држава, правна сигурност за бизнисот, независно судство и функционално и политички непристрасно обвинителство, ние не можеме да кажеме дека имаме демократски систем во вистинска смисла на зборот. Проблемот е што политичките елити кај нас тешко се одвикнуваат од „старите“ навики на влијание врз правосудниот систем, и токму затоа условувањата од страна на Европската комисија за реформи во правосудниот систем се еден вид нужна „брана“ и патоказ за суштински реформи – вели Георгиев.


Санкции за прекршителите на правото

Европскиот парламент (ЕП) неделава информира дека постои предлог поднесен под иницијатива на Европската комисија (ЕК) за можни финансиски санкции врз земјите-членки на Унијата што го нарушуваат владеењето на правото и правната држава.
Овие санкции според ЕК ќе бидат спроведени во рамките на идната европска буџетска структура проектирана за периодот 2021-2027.

Според последните информации, во иднина се планира да се заштити буџетот на ЕУ од земјите што „сериозно“ ја загрозуваат правната држава, со тоа што би постоела можност да се суспендираат фондови и плаќања кон прекршителите, а кои доаѓаат од заедничкиот европски буџет на Унијата. Но овој предлог сѐ уште треба да биде прифатен и од Европскиот парламент и од земјите-членки.

aleksandar.s@novamakedonija.com.mk