По протестот на Независниот полициски синдикат, од Владата ветуваат решенија

288

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, се сретнаа со претставници на Гранковиот независен синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судската полиција, со претседателот Гоце Делчев Тодев, со генералниот секретар на овој синдикат и претседателите на синдикалните организации.

По средбата, од Владата соопштија дека е договорено соработката да продолжи на министерско ниво и низ разговори и разбирање, согласно Законот за работни односи и согласно постоечкиот колективен договор да бидат изнајдени соодветни решенија за посочените теми.

– Гранковиот независен синдикат ја поздрави отвореноста на Владата за разговор. На состанокот се разгледани барањата на Гранковиот независен синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судската полиција околу разгледување на репрезентативноста на Независниот синдикат на полицијата, нивелирање на платите и овластувањата на сите полицајци во државава, за покачување на вредносниот бод за сите шумски полицајци и исплата на средствата за прекувремени работни часови, како и барањето за зголемување на платите во полицијата, шумската, затворската и судската полиција – соопштија од владината прес-служба.

Членовите на Независниот полициски синдкат денеска неколку часа со автомобили ги блокираа раскрсниците во центарот на Скопје во знак на револт. Тие побараа покачување на платите и колективен договор за сите вработени.