По повод навредата на верските чувства на христијаните од страна на ЛГБТ-заедницата

Живеејќи под постојан стрес и притисок врз неговиот дух, современиот човек, тешко и безуспешно го определува своето место во новата епоха. Од едната страна се наоѓа неговото домашно воспитание, а од другата, е соочен со секојдневно пласирање на т.н. „нови вредности“, кои во голема мера се косат со неговото сфаќање за моралот и етиката. Нашето време, покрај сите слабости, сепак најмногу го одликува константната тортура на малцинството врз мнозинството во сите домени на нашето општествено живеење.

Деновиве, едно такво насилство ја окупира македонската јавност, кога припадниците на ЛГБТ-заедницата ни приредија сатански перформанси во Музејот на современата уметност, притоа повредувајќи ги верските чувства на најмногубројната верска заедница во нашата татковина Македонија. За иронијата да биде поголема, целиот овој накараден ритуал и сево ова исмевање со христијанските светињи, беше наградено со аплауз и одобрување на еден поранешен министер за внатрешни и надворешни работи г. Љубомир Фрчковски и на двајца поранешни министри за култура г. Слободан Унковски и г. Роберт Алаѓозовски. Новото време, во кое се индустријализира речиси сè па и човековите права, во борбата за профит не води никаква грижа за човековото достоинство, за неговото духовно и телесно здравје, па и за она што воопшто е нормално.

Манипулацијата со нормалното, од нашата татковина ќе создаде територија во која секакви опскурни групи и здруженија непречено ќе експериментираат со своите погубни идеи, претворајќи ја Македонија во провинциска карикатура на европската цивилизација. Ослабен и збунет од страшните омаловажувања и насилства, кои како на филмска лента се подредија во последново столетие, современиот Македонец наликува на заробен војник на бојното поле, кој губи ориентација за она што е нормално, па во неговата душа единствено почнува да егзистира нагонот за преживување. Затоа, и ги пишуваме овие редови, со надеж дека ќе се издигнеме и ќе се спасиме од оваа нововековна Содома и Гомора и барем малку ќе си го вратиме чувството за она што е просто човечко.

ЛГБТ-заедницата, како една од ударните тупаници на оние што плански и трпеливо работат на уништување на човештвото и на неговите проверени традиционални вредности, е редовен корисник на нивните огромни финансиски фондови. Ако порано човештвото се уништуваше преку страшни војни и заразни болести, сега истото тоа се прави однатре, преку насилство на духот и преку нарушување на духовното здравје. Во борбата за профит ништо повеќе не е свето, освен егоизмот и високоумието.

Насилството врз духот и природата раѓа дегенерираност, која го бутка човештвото во длабок и темен бунар од кој речиси е невозможно да се согледа светлото на денот. Македонија, пристапувајќи рефлексно и некритички кон лудостите што ни доаѓаат од т.н. „модерен Запад“ се доведува во опасност да се „европиеизира“ единствено во криминалот и неморалноста. Затоа е крајно време да си ја зграпчиме нормалноста, да се потсетиме и да се вратиме на древните традиционални вредности, кои со милениуми го очовечувале човештвото, го чувале неговото духовно и телесно здравје и ја поттикнувале неговата благородност и креативност. Потонат во неморал и залуденост, од новиот човек полека ќе си заминуваат срамот и радоста на животот и на нивно место ќе биде засадена тагата, потиштеноста и суетата. ЛГБТ-заедницата е алатка во рацете на нечестивите профитери и ним воопшто не им е грижа за човековите права. Ако навистина беа посветени на овие вистински благородни цели, тогаш, немаше со мирна совест да ги повредуваат чувствата на македонскиот православен народ. Сигурен сум дека од разните здруженија, комитети и невладини организации, кои се занимаваат со оваа проблематика, нема да чуеме ниту еден збор на осуда, бидејќи и тие, налик на ЛГБТ, како пијавици се закачени на истиот извор на крвави пари.

Ова му е познато на секој паметен и здравомислечки човек во оваа држава. Не сакам да ме разберете погрешно, но замислете што би им се случило на истите овие борци за човекови права и слободи, ако, не дај боже, се исмеваа со муслиманските светињи. Во тоа и се состои нивното лицемерство. Нивен објект за напад е христијанството, тука се силни и распаметени, иако во христијанските земји никој ниту ги напаѓа, ниту им ги сече главите, ниту ги распнува на крст. Христијаните, за разлика од муслиманите, немаат нафта од чија експлоатација си го полнат ковчежето со ним љубените крвави сребреници. Кога не би имале корист од муслиманите, би ги сотреле во еден ден, како што тоа впрочем моментално и го прават врз муслиманските мирољубиви народи од Блискиот Исток. Зелените долари се тотемот во чие подножје секојдневно принесуваат човечки жртви. За нив војната е мир, слободата е ропство, а незнаењето е сила.

Врз основа на овие постулати ја градат новата цивилизација и нивните регресивни начела ни ги продаваат како нешто напредно, урбано и прогресивно. Денес, нормалниот збор веднаш се прогласува за политички некоректен, а нормалниот човек за заостанат. Јазикот на политичката коректност прави лагите да звучат вистинито, убиството да биде достојно за почит, а ветрот и маглата да бидат цврсти како карпа. Затоа, говорејќи со јазикот на доблеста, задача на нашата генерација е да му застане на патот на насилството и да се избори за нормалноста. Тие, на своја страна ги имаат сите моќни влади, сиот капитал, сите погубни оружја на овој свет, а ние на нашата ги имаме здравиот разум и вистината. Во време на измама, да се зборува вистината е револуционерен чин. Нивната моќ е обессилена, бидејќи ние сме господари на својата волја и на својот живот. Сè на овој свет ни е дозволено, но не е сè полезно, сè ни е дозволено, но не сакаме ништо да завладее со нашите битија. Наша дика и наша гордост се добрите дела и добрата мисла и развевајќи го бајракот на слободата, скромно, достоинствено и без страв, планираме да парадираме во сите дни од нашите животи.

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ
Агатангел (Станковски)