Почнува обврската за задолжителна зимска опрема во возилата

53

Обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата почнува од денеска и ќе трае до 15 март 2020 година, а казната за оние што нема да ја почитуваат според актуелниот закон за безбедност во сообраќајот изнесува 45 евра во денарска противвредност, односно на несовесните возачи ќе им се регистрираат 25 негативни бодови.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри.

Синџири за снег е потребно да поседува секое возило со пневматици со летен профил и притоа во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената оска.

Зимски пневматици се оние што на својата бочна страна имаат ознака: МС, М+С, како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.