Поставена новата архитектура на безбедносниот систем на Македонија

231
Фото: Игор Бансколиев

Новата архитектура на безбедносниот систем на државата оваа недела доби завршница. Во тој контекст, претседателот Стево Пендаровски во вторникот ги потпиша указите за прогласување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница и на Законот за Агенција за национална безбедност.

Во меѓувреме, се реши и кадровското прашање за директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), а допрва се најавуваат кадровски решенија за пополнување на местата во разузнавачката заедница, каде што се очекува што побргу на одговорни безбедносни функции да се постават професионалци односно аполитични личности, но наедно и експерти во својата област. Таков типичен пример во позитивна конотација е именувањето на директорот на АР, Ерол Муслиу.

Од друга страна, токму овие два закона се клучни за спроведувањето на безбедносната реформа на државата, која, пак, е од исклучително голема важност за процесот на македонското пристапување во Европската Унија.

Битна новина во Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, е дека се формира Совет за координација, кој ќе ги спроведува предлозите на највисокото безбедносно тело – Советот за национална безбедност.
Тоа значи дека на овој начин се формира модел за комуникација на безбедносните служби, кој треба да биде фундамент за натамошно развивање и демократизација на безбедносниот сектор, односно на сите институции што имаат надлежности во сферата на одбраната и безбедноста.

Вториот закон, пак, кој се однесува на формирањето Агенцијата за национална безбедност ќе овозможи реформирање на Управата за безбедност и контраразузнавање, која веќе нема да биде орган во состав на Министерството за внатрешни работи, односно со основањето Агенција за национална безбедност се формира нов самостоен орган на државната управа заради обезбедување внатрешна безбедност на државата и вршење контраразузнавачки активности, со намера за создавање реформирана, професионална, независна и отчетна институција.

Претходно, како дел од реформите во безбедносните служби, Владата во ноември минатата година ѝ го одзеде прислушувањето на УБК и за таа цел формира нова Оперативно-техничка агенција (ОТА), која е задолжена за следењето на комуникациите. Оваа агенција, кога ќе добие судска наредба, ќе може да ги вклучи системите за прислушување, но нема да може да ги користи прислушуваните материјали, кои ќе ги добива само тој што го обезбедил налогот. На ваков начин, ОТА стана дел од државниот механизам за комплексно и ефикасно спротивставување на криминалот и корупцијата.

Фото: Дарко Андоновски