Посредување за работа или трговија со луѓе

201
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Посредувањето во последниве години е многу изразено, а токму тоа ги наведува луѓето да мислат дека тука има нешто што не е во ред, како и информациите дека германски клиники плаќаат надоместок и до 15.000 евра за агенцијата-посредувач што ќе им обезбеди медицински персонал од земјите на Западен Балкан

Само во последниве 12 месеци од Македонија во Германија на работа заминале 440 здравствени работници. Овој податок на германската федерална агенција за вработување го објави „Дојче веле“, а во анализата на оваа тема уште пишува и дека германските клиники плаќаат надоместок и до 15.000 евра за агенцијата-посредувач што ќе им обезбеди медицински персонал од земјите на Западен Балкан. Да се биде посредувач при вработување веројатно е просперитетна и добро платена професија, но за многумина токму ваквиот начин на обезбедување и регрутирање медицински персонал се граничи со трговија на луѓе.

Потенцијалните кандидати најчесто ги привлекуваат ветувањата на работодавците за високи плати, кои намерно збунуваат со сумите за нето и бруто-плата, а исто така се шири и гласината дека може да ги земат со себе и своите семејства. Но кога пристигнуваат во Германија, здравствените работници, вклучувајќи ги и медицинските сестри, се соочуваат со спротивна реалност, која е сосема поинаква и потешка. Токму овој начин на привлекување луѓе со лажни ветувања и измама е многу блиску до тргување со луѓе.
Во врска со ова побаравме мислење од Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри.

– Многу такви агенции што посредуваат за работа во Германија се имаат обратено кај нас. Бараа од нас да им помогнеме со обезбедување кадар, но ние во никој случај не сакаме никаква соработка со нив, ниту сакаме да ги стимулираме. Сакаа дури и да се рекламираат на нашата веб-страница, но категорично ги одбивме. Нашата стратегија и цел е да ги задржиме медицинските сестри овде, се бориме да имаме закон за сестринската професија, зашто со тоа би се надминале многу проблеми со кои се соочуваат сестрите сега – нагласува Гордана Бешлиовска, претседателката на унијата.
Единствена информација што ја има унијата во однос на одливот на здравствени работници е тоа кога од нив медицинските сестри ќе побараат потврди за членство, кои им се неопходни за да заминат на работа во странство.

– Тоа им е како еден вид зелен картон, важно им е на странците тие да се членови на одредени здруженија. Тие со тоа си ги комплетираат потребните документи. Немаме точна информација колкумина заминале, но лани имавме издадено околу 18 такви потврди, а во период од четири-пет месеци над 40 сестри заминаа по основа на работа во странство – додава Бешлиовска.
Според неа, здравствените работници кај нас што сакаат да заминат во Германија веќе знаат дека може да бидат излажани ако бараат работа преку агенција, па затоа многумина заминуваат во индивидуална режија. Посредувањето во последниве години е многу изразено, а токму тоа ги наведува луѓето да мислат дека тука има нешто што не е во ред.

– Има премногу форсирање и понуди од посредувачите. Тоа прави луѓето некако со поголема резерва да ги земаат тие понуди. Некои од нив можеби се залажуваат со бесплатните приватни курсеви што се нудат, а откако ќе го завршат курсот тие веќе влегуваат во лавиринтот на големите ветувања на работодавците. Сепак, мојот впечаток е дека нашите здравствени работници се свесни дека тоа не е баш така како што е претставено – вели Бешлиовска.
Платата на медицинска сестра во Германија се движи од 2.000 до 3.000 евра. Во Македонија, почетна плата на сестра е 17.000 денари, која понатаму стигнува до 20.000 денари. Платата во Германија зависи од областа, односно оние што се во критичните единици, како на пример инструментарките, сестрите на интензивна нега, анестетичарите во операционите сали, имаат поголеми примања. Сепак, најголем број од оние што заминуваат од Македонија работат нега во старски домови и таму најбрзо се снаоѓаат.


Ни фали клиничка практика

Од Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри истакнуваат дека единствено нешто што недостига во Македонија е клиничката практика на сестри.
– Во Европа, 50 отсто од образовната програма се одвива во клиничка практика, а кај нас 90 отсто е теорија. Тоа е најголемиот апсурд и е неопходно да се промени. Клиничката практика е сведена на ништо. Ова важи и за средно и за вишо и за високо образование, како и за специјализација. Ако ги споредиме образовните програми во Хрватска, Словенија, ќе видиме дека таму на сестрите сѐ им е на основа на клиничка практика – нагласува претседателката Бешлиовска.