После пет месеци родителите на трагично загинатите планинари Александар и Калина го посетија Кајмакчалан

8089

„Поминаа пет месеци од несреќата и сеуште не можам да си објаснам како се случи тоа. Сите сме потресени бидејќи вашите деца се првите две жртви планинари за коишто јас знам дека настрадале на Кајмакчалан. Имало повредени скијачи, ловџии, планинари, но ова е прв пат некој да го загуби животот во планинарска тура“. Со овие зборови, изразувајќи сочувство, непосредниот сведок на настанот, инаку вработен во скијачкиот центар Ворас, ги пречека родителите на планинарите Калина Велевска и Александар Миновски, кои зимава настрадаа при искачувањето на Кајмакчалан. После пет месеци од трагедијата, родителите го посетија местото на несреќата, во обид да добијат дел од одговорите на прашањата кои ги мачат изминатиов период, а кои за жал, остануваат заплеткани во инертната процедура на надлежните институции.

Средбата со нашиот домаќин се одржа во селота Панагица, сместено на падините на Кајмакчалан од грчка страна.

-Оваа слика што ја видовте сега горе е сосема поинаква од она што се случуваше на 10 февруари. Тој ден беше најлош во последниве 25 години, такво невреме не се памети во нашиов крај. На групата и беше укажано од самиот почеток кога дојдоа во Скијачкиот центар дека не треба да се качуваат нагоре бидејќи временските услови се исклучително лоши, но таквите апели беа игнорирани – објаснуваше нашиот соговорник, додавајќи дека групата имала некаква импровизирана радио врска која воопшто не била прикладна за местото и условите. Ако се има во предвид дека и мрежната покриеност на мобилните трелефони е слаба околу врвот на планината, тогаш станува појасно зошто комуникацијата на настраданите со спасителите не била на нивото кое го бара една таква ситуација.

Маглата и облаците и во средината на јули ги пречекуваат намерниците

-Тој ден како се да беше свртено против исчезнатите деца. Најнапред доцна ја добивме информацијата дека планинарите се исчезнати, затоа што во такви временски услови секоја минута е драгоцена. Воедно, времето беше исклучително лошо, паметам како сега да се случува. По добивањето на веста дека треба да се бараат децата на врвот, тргнав со ратракот нагоре, но во еден момент морав да застанам бидејќи ја изгубив ориентацијата, толку беше намалена видливоста. Излегов од кабината а скијачките очила веднаш ми замрзнаа. Кога ги симнав, ветерот го носеше снегот во моите очи како замрзнати иглички и речиси не можев ништо да видам. Со последни сили го здогледав едниот од столбовите на ски-лифтот, па тргнав во тој правец да се ориентирам – продолжува сведокот, кој се потсетува и на фактот дека наспроти поголемиот број волонтери но и професионални спасители кои тој ден се собраа во Ворас, само еден од локалните познавачи на планината, инаку лиценциран планински водич, по име Панајотис успеал да се симне до настраданите.

Местото на кое настрадаа Калина и Александар

-За жал, тоа веќе беше доцна кога тој се симна до децата. Тој сам не можеше да ги извлече, бидејќи немаше доволно опрема, а и девојката не беше во состојба самата да се движи. Децата имаа поминато повеќе од седум часа стоејќи во едно место и чекајќи помош, бидејќи практично не можеле да се движат ни лево ни десно во длабокиот снег во кој западнале. Додека тој беше долу под карпата, јас бев горе во ратракот со одговорниот од групата на децава, а во другиот ратрак имаше исто така нивни пријател. Во тие услови ние со двата ратрака само седевме и чекавме што ќе направи Панајотис – објаснува нашиот домаќин.

По ова Панајотис се вратил на карпата со надеж дека набргу од Солун ќе пристигнат специјалните единици за спасување и дека тие ќе успеат да ги извлечат настраданите. За жал, по нешто повеќе од два часа повторно само Панајотис се спуштил до планинарите, а тогаш веќе нивната здравствена состојба била драстично полоша, временските услови уште посложени и акцијата била прекината. Планинарската експедиција на Калина и Александар заврши фатално за нив.

Пет месеци подоцна родителите на настраданите планинари се искачија на планината, предводени од локалниот млад но веќе искусен планинар Ѓорѓи. Токму тој, по игра на случајот требало да биде дел од планинарската тура на 11 февруари, значи ден по трагичниот настан кога групата требало да се искачи на уште еден врв во истиот планински масив, но поради несреќата оваа тура била откажана. Додека се качувавме нагоре се потсетуваше на Калина и средбите со неа на Пелистер и на други тури на кои тој доаѓал во Македонија.

За жал, не беше лесно да се искачува Кајмакчалан, особено што најнапред возилото мораше да потклекне пред природата, па остана само можноста да се искачиме до врвот пешки. Но, емоциите проработеа, нозете стануваа се потешки, па и покрај силната желба и напори, дел од нас се откажавме уште на полпат. Најподготвените се искачија до врвот, каде што се соочија со суровоста на природата, па иако е средината на јули ветерот едноставно ги изобличуваше лицата и на моменти изгледаше како да ќе не фрли отаде границата, која минува на самиот срт на планината. Нормално, првата помисла беше – ако сега во сред лето е неподносливо да се стои на врвот, како ли им било на децата на тие екстремно сурови временски услови додека чекале под карпата, како што им било сугерирано во телефонската комуникација со нивните пријатели кои требало да го организираат спасувањето.

Нема зборови да се опише тагата и болката, загубата е ненадоместлива. Но, останува и горчливиот вкус во недоумица што точно се случило кобниот 10 февруари. Изјавите на сведоците во помала или поголема мерка се разликуваат, официјално надлежните институции не излегуваат со свои заклучоци, освен избрзаниот и тенденциозен извештај на планинарската асоцијација кое беше направено за да се заштитат некои луѓе во страв раката на правдата да не допре до нив.

Двајца млади ги загубија животите на прагот на животот, а истрагата сеуште не излегува со конкретни сознанија. За некои други случаи, под притисок на јавноста, правдата беше брза и решителна. Во случајов не е ниту брза ниту решителна. Одолговлекувањето на случајот само ги зголемува сомневањата дека нешто се сака да се затскрие, некој да се заштити.