Поради снежните врнежи, забрана за товарни возила на два патни правца

100

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а снег вее на целата територија на Македонија, информираат од Авто-мото сојузот (АМСМ).

Од таму додаваат дека поради снежни врнежи, воведена е забрана за движење на камиони на патниот правец, крак Маврово – Дебар. Поради истите причини, денеска од 18.50 часот ваква забрана е воведена и на преминот Стража.

Според информација од ЈП „Македонија пат“, сообраќајот на патниот правец А3 Кочани – Македонска Каменица, на делницата од Истибања до браната „Калиманци“, кај местото Ајдучки Камен, е целосно во прекин поради одрон.

За лесните патнички возила сообраќајот се пренасочува преку регионалниот патен правец Кочани – Виница – Бигла – Делчево.

Тешките товарни возила и автобуси се пренасочуваат преку регионалниот патен правец Кочани – Виница – Берово – Делчево.

Од АМСМ ги потсетуваат возачите дека во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март годинава.