Поповски: Не смеат да се толерираат напади, притисоци и закана врз новинари

871

Оваа Влада има нула толеранција за каков било напад, притисок или закана врз новинарите и медиумите, изјави денеска министерот транспарентност, отчетност и комуникации Роберт Поповски по повод 3 Мај – Меѓународниот ден на слободата на медиумите.

– Покрај она што го прави Владата, и другите институции во државата, треба да си ја преземат улогата и одговорноста за тоа што постојат и што им е работна задача. Обвинителството мора да постапува максимално концентрирано и професионално во било кој напад или закана против новинар, снимател, фоторепортер и медиумски работник, рече Поповски.

На прашањето за заканите на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кон новинар, Поповски искоментира оти понекогаш ќе има реакции кои не одговараат на наведената позиција.

– Секогаш ќе има моменти кога ќе се случи некој екцес. Меѓутоа, она што е значајно, е дека господинот Анѓушев ги повика сите новинари во неговиот кабинет да дојдат, да се информираат, да разговараат за се она што е отворено. Некогаш ќе има реакции коишто не одговараат на позицијата на било кој од нас. Клучно е да се корегираме, да ги сфатиме грешките и да се однесуваме на начин на којшто сите очекуваат во Македонија, рече Поповски.

Додаде дека разговарал со Анѓушев и со сите оние кои на некој начин во однесувањето или во пристапот кон новинарите и кон медиумите не се поставуваат онака како што новинарите или медиумите очекуваат. 

По повод Денот на слободата на медиумите, Поповски рече дека професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во секоја демократска држава. 

– Овој ден Македонија го одбележува во демократска слободна и европски ориентирана држава. Денес има можности за повеќе критички текстови од пофалби, има можности за сугерирање. Денес има гласност, наспроти молк. Искусивме дека молкот и цензурата резултираа со назадување. Слободно изречениот збор создава вредности и квалитет во општеството, рече Поповски.

Посочи дека медиумската сфера по една деценија за првпат е ослободена од политички притисоци, а напредокот во областа на медиумите е нотиран и во Извештајот на Европската комисија за Македонија.

Поповски оцени дека уште многу треба да се работи особено за професионално работење на Јавниот дифузен сервис за што, како што кажа, претстојат законски измени во таа насока и ја повика опозицијата да даде поддршка за законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Министерот додаде дека опозицијата ќе има директно учество во промените во медиумскиот простор со новите закони и нагласи пропишаните норми во нив, според кои, за изборите во раководните позиции во управните одбори на МРТВ и во Агенцијата за медиуми ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието. 

– Владата постојано го прави она што е потребно за натамошна професионализација на медиумите. Се повлече од традиционалното владино рекламирање во медиумите. Се залагаме и за промена на економската состојба на новинарите, зголемување на платите и стабилност на нивните работни места. Владата нема да се меша во работата на новинарите, во нас имате сигурен партнер, рече Поповски, упатувајќи апел до сопствениците на медиумите да ги следат политиките на почитување на работничките права, и порастот на платите. 

Посочи дека Фридом хаус ја посочил Македонија како светла точка во регионот, а констатирани се чекори напред и во извештајот за слобода на медиумите на Репортери без граници, каде прецизно се наведува дека заврши децениското владеење со системски напади на слободата на медиумите, новинарите и медиумските работници.