Пописот ќе се спроведе во април в година и ќе чини 8,5 милиони евра

99

Пописот на населението ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година, за што ќе бидат издвоени 8,5 милиони евра од државниот буџет, информираше Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика. Според него, целата постапка ќе биде комбинирана, по електронски пат и со теренско попишување.

– Пописот ќе се реализира по високи стандарди коишто ги налага Евростат, при што ќе се избегнат сите можности за злоупотреба. Софтверското решение коешто ќе биде изготвено, ќе ги препознава личните податоци на граѓаните кои веќе еднаш се внесени, со што ќе се онезможи ист граѓанин да се регистрира двапати. Во пракса ова значи дека ќе има попишување со помош на веб-апликација и теренско попишување. Државата ќе биде поделена на 45 пописни реони, а во целата операција ќе учествуваат 6.000 попишувачи – исткана Симовски.

Тој информира дека, исто како во 2011 година, и овојпат ќе ги има сите графи за демографска, образовна, културолошка и за етничка припадност.

Граѓаните кои се наоѓаат во дијаспората ќе се попишуваат исклучиво по електронски пат, што значи дека нема да се издвојуваат средства за да се испратат попишувачи надвор од земјава.

Според оперативниот план на Заводот за статистика, конечните резултати од пописот можат да се очекуваат по шест месеци од завршувањето на процедурата, односно во септември 2020 година.