Пописот пак виси на конец

498
Фото: Игор Бансколиев

Демографот Герасимовски потсетува дека и за неуспешниот попис во 2012 година исто така биле кратки роковите за подготовка, од усвојувањето на законот до спроведувањето на операцијата, што резултира со состојба во Македонија 17 години (досега) да не биде спроведен попис. Тој смета дека ако законот биде усвоен во октомври или ноември, сепак дотогаш не можат да бидат преземани подготвителни активности, па ризикот од неуспех на пописот повторно е голем

Спроведувањето на пописот на населението, становите и домаќинствата во Македонија, одредено во терминот од 1 до 20 април, наредната 2020 година, сѐ уште е функционален предлог на власта, иако законот за попис никако не може да тргне во собраниска процедура. Навистина означен со европско знаменце и предложен за разгледување во собраниската комисија за европски прашања, отворената комисиска расправа во два наврата е прекината уште пред да започне, поради дополнителни усогласувања меѓу партиите. Имено, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ има суштински забелешки за предложената верзија на законот за попис, а најмногу во идејата за електронски попис на дијаспората, или попишување на иселениците само со матични броеви, кои би ги дале нивните блиски. Поради несогласувањето на опозицијата со предложената верзија на законот за попис, во Собранието се одржуваат состаноци меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и претставници од Државниот завод за статистика, за утврдување на конечната верзија на законот. Клучното барање на ВМРО-ДПМНЕ е пописот да биде одложен за 2021 година, за да бидат изведени сите подготовки за негово изведување, во согласност со стандардите на Евростат и да се испочитуваат роковите за одредени процедури што се предвидени само со законот за попис, кој не е усвоен.

– Опозицијата има сериозни, суштински и значајни забелешки за законот и концептот за новиот попис. Тие не се мали и се клучни за пописот да може да биде на ниво на стандардите на ЕУ и Евростат. Само таков попис може да биде од корист на сите, а не операција што ќе предизвикува страв или радост кај граѓаните од губење или добивање одредени права – порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој го предводи тимот на опозицијата во преговорите за законот со тимот на власта, предводен од директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Димовски не исклучува ВМРО-ДПМНЕ да се согласи и пописот да се одржи в година, но, како што рече, само доколку се вградат суштинските забелешки. Во спротивно, истакна пратеникот ,,останува отворена опцијата партијата да повика на бојкот на пописот“.

Опозицијата инсистира и на попишување со потпис на документ, а не преку електронска пописница, а на документот да има потпис од попишувачот и од попишаниот. Оние лица, според барањата на опозицијата, што ќе се попишат електронски да не се водат како резидентно население. Бараат во законот да се дефинираат и податоците што ќе се бараат со пописот, а не со подзаконски акти, а методологијата да ја одобри Државната пописна комисија, како и сите подзаконски акти, попишувачите да бидат од различна етничка припадност по случаен избор, а комисиите да се изберат од администрацијата исто како изборните, но и рамномерната застапеност на етничките заедници. Во врска со базите на податоци, Димовски истакна дека мора да се набројат сите и да се наведе кои во кој дел од операцијата ќе се користат дали во подготовката, дали во спроведувањето на операцијата или, пак, по завршувањето, заради проверка на податоците. Исто така, опозицијата бара наместо како што предвидува предлогот на Владата да се врши попишување само на јазикот на кој ќе побара попишаниот, тоа да се прави на македонски јазик и на јазикот што ќе го побара. По завршувањето на пописот, опозицијата бара да се направи проверка на два отсто од материјалот, пред податоците да станат официјални… Покрај ова, од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат пописот да го спроведе државна пописна комисија, односно колективно тело составено од Советот за статистика, стручни професори, лица од стопанските комори, Народната банка и слично.

Како што стојат работите, најоптимистичките изгледи да биде изгласан законот за попис се во септември, или октомври, со што би останале шест до седум месеци до сѐ уште актуелниот термин за попис – 1 април 2020 година. Тоа значи дека уште на почетокот на пописниот процес значително се скратени роковите за подготовка, кои се предвидуваат исклучиво во законот за попис.

– Според одредени стандарди, законот за попис треба да се донесе најмалку една година пред спроведувањето на оваа статистичка операција. Навистина, постојат институции, како што е Државниот завод за статистика, инволвирани во пописот, кои и без да биде изгласан законот имаат надлежности да спроведуваат одредени подготовки. Тоа е стручна и професионална институција, која го спроведува пописот, и таму сигурно течат стручните подготовки. Но одредени процеси и рокови во спроведувањето на подготовките се предвидени само во законот за попис, како и надлежностите на други институции вклучени во пописот. На пример, Агенцијата за премер и катастар треба да направи пописни кругови со нумерација на улици и куќни броеви, дури откако ќе биде усвоен законот… Тука е и проблемот со опфатноста на објекти и на населението, односно нивна ажурираност во катастарот, па во тој случај треба да има усогласување со податоци од Министерството за транспорт и врски. МВР има надлежности во однос на матичните броеви, а и Министерството за труд и социјала може да биде вклучено… Сите овие субјекти имаат свои надлежности во пописот, кои се одредени само со законот и можат да спроведуваат активности исклучиво според законската дефинираност. Постои уште еден карактеристичен момент: една година пред одржување попис не треба да се прават измени во територијалната нумерација, а ако дотогаш нема закон за попис може во меѓувреме да биде додадено некое ново населено место, што секако ќе создаде проблем – објаснува демографот Дончо Герасимовски некои од проблемите што ги носат скратените рокови за изведување на пописот.

Герасимовски потсетува дека и за неуспешниот попис во 2011 година исто така биле кратки роковите за подготовка, од усвојувањето на законот до спроведувањето на операцијата, што резултира со состојба во Македонија 17 години (досега) да не биде спроведен попис. Тој смета дека ако законот биде усвоен во октомври или ноември, сепак дотогаш не можат да бидат преземани подготвителни активности, па ризикот од неуспех на пописот повторно е голем.

Во изминатиот период Македонија има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година.