Помилувањето за „27 април“ од Иванов не би можело да има правно дејство

98

И поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски смета дека помилување на осудените во настаните од „27 април“ од страна на претседателот на државата во моментов не би можело да има правно дејство, бидејќи нема член врз основа на кој тоа би било правно засновано.

– Член 11 од Законот за помилување на кој некој сака да профитира и да создаде некои состојби ниту постои во правниот поредок, ниту, пак, можел да постои. Уставниот суд со своја одлука во 2016 година го поништил дополнувањето на Законот што се однесувало на зголемените права на претседателот на Републиката. Меѓутоа, некој сака тоа дополнување на Законот за помилување што е поништено да го врати во правниот поредок. Но, ниту Уставниот суд , ниту друг може да го врати тоа во правниот поредок, бидејќи не постои таква одредбаш – вели Ивановски во изјава за МИА.

Според него, шефот на државата во овој момент нема законски основ тоа да го примени.

-Претседателот може да носи помилување, но само во согласност со Закон, а не неограничено како што беше порано предвидено со оваа одредба – вели Ивановски.

Во контекст на тоа додава дека помилувањето не е можно и поради фактот што сега сме веќе пред избори на претседател на Републиката.

-Со други зборови некој кој ја вршел функцијата 10 години и кога му останале уште 10-ина дена од мандатот неморално и правно неиздржливо е сега да се фаќа со некакви аргументи за некакво алиби и да бара преку одлуки на Уставниот суд за да може да врши соодветно помилување, односно да изрекува мерки со кои ќе го спречи кривичното гонење на криминалот – вели Ивановски.

Според тоа, како што истакнува, помилувањето од претседателот на Републиката во овој момент би било и противуставно и противзаконито.

Ивановски вели дека откако Уставниот суд во 2016 година ги укинал измените во Законот за помилување, за повторно да оживее претходно укинатиот член 11, требало Парламентот да предложи измени и дополнувања на Законот за помилување, а пратениците да ги изгласаат, а не, како што додава, сега да се толкува дека автоматски состојбата се вратила на старото решение.

– Во Законот не постои член 11 што му дава на претседателот можност да врши помилување во соодветната постапка. Таквата одредба е укината. Самото Собрание извршило дополнување тогаш, а не Уставен суд. И според тоа, ова не може да биде во примена, ниту може претседателот да го користи – вели Ивановски.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев и министерката за правда, Рената Дескоска се согласни дека правно е невозможно претседателот Иванов да ги помилува осудените за „27 април“, како што тоа го направи во 2016 година за вкупно 56 лица кои беа опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

Илиев во изјава за МИА вели дека законска можност за помилување сега нема, бидејќи тоа е процедура, која претрпела законски измени, а и времето на изборите тоа не му го дозволува.

-Но, кај нас знаете, законот многу не се почитува, може и тоа да биде. Инаку, правно мислам дека нема можности за таква работа, бидејќи тоа би било злоупотреба на правото и на неговите овластување како претседател – изјави Илиев.

Појаснува дека процедурата за помилување би требало да оди преку Министерството за правда, поединечно за секое барање, за разлика од амнестијата која се носи со закон од Парламентот.

И министерката Дескоска нагласува дека постапка за помилување може да се води единствено преку Министерството за правда, а до нив досега не се стигнати барања за помилувања на осудени лица за настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година.

Дескоска посочува дека нема законска можност да се води постапка за помилување од страна на претседателот на државата.

Појаснува дека постапката за помилување може да се води единствено преку Министерството за правда, имајќи предвид дека нема законска основа за помилување без претходна постапка во ова Министерство.

-Избришан е членот 11 од Законот за помилување кој претходно предвидуваше таква постапка од страна на претседателот, а и со укинувачка одлука на Уставниот суд во 2016 година тој член не е „оживеан“, односно не постои во правниот систем на државава – објаснува министерката.

Втората пречка, како што додава Дескоска, произлегува од фактот што се распишани претседателски избори, а во тој период не може да се даваат помилувања.

– Министерството за правда откако се распишани изборите не препраќа никакви предмети за помилување до Кабинетот на пртседателот на државата. Во оној момент кога Државната изборна комисија официјално ќе прогласи дека изборите се завршени ќе може да бидат препратени барања за помилување до Кабинетот на претседателот, вели министерката за правда.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање рече дека аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов не очекува, бидејќи тоа не постои повеќе како законска можност.

Владинот портпарол Миле Бошњаковски вчера на прес-конференција рече дека Владата не очекува Иванов „да се дрзне и да го направи тоа“, бидејќи би го прекршил Уставот и законот.

До кабинетот на претседателот на државата, како што потврдија за МИА, се доставени неколку барања за помилување на осудени лица за случајот „27 април“, а последното пристигнало во петокот. Оттаму не посочуваат кои од осудените побарале помилување.

За насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.

Највисока казна од 18 години доби поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков.

Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов истекува на 12 мај годинава. Неговиот наследник треба да се добие по претседателските избори што ќе се одржат на 21 април и 5 мај.