Политички пораки и честитки за Илинден

52

Повици за заедништво и за надминување на поделбите, најави со планови за справување со пандемијата на ковид-19, како и повици за јакнење на врските со меѓународните партнери беа дел од сумираните заклучоци на пораките што се најдоа во говорите на домашните и на странските политичари за време на одбележување на Денот на републиката.

Годинашното чествување на 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ беше спроведено под без масовни собири, достоинствено под маски и со почитување на здравствените протоколи за заштита од вирусот.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој оваа година се обрати од Пелинце, каде што се наоѓа меморијалниот центар АСНОМ, зборуваше за предизвиците со кои се соочува државата и за достигнувањата со членството во НАТО, но и за тоа како ќе се одвиваат преговорите со ЕУ. Шефот на државата истакна дека денешната битка е да се обезбеди достоинствен живот за луѓето во нашата земја, а не надвор од неа, а за тоа мора да има правда и слобода, оти ако нема правда, државата нема да напредува.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, во обраќањето од скопската тврдина Кале рече дека борбата на илинденците, а потоа и на партизаните ја овозможиле денешната држава, која е членка на НАТО. Во Крушево, пак, каде што настаните се одбележаа под покровителство на републичкото собрание, масите луѓе што присуствуваа на свеченоста беа сведени на минимални бројки во споредба со претходните години.

Од друга страна, како единствена црна точка на манифестацијата, во овој град може да се истакнат два помали инциденти, кои, за среќа, не ја засенија прославата на големиот празник. Имено, хронолошки гледано последниот настан се случил за време на говорот на преставниците на парламентот во Крушево, кога дел од присутните во толпата скандирале „никогаш северна само Македонија“, неколку часа претходно, пак, пред собирот на Мечкин Камен избила и тепачка меѓу лица што со коњаница пристигнале во Крушево од скопско Лисиче и жители од локалниот град. За среќа, во вториот настан интервенирала полицијата и против инволвираните е спроведена истрага.

Во меѓувреме, празникот Илинден како тема се најде и во говорите на странските политичари, кои на своите македонски колеги им го честитаа националниот празник. Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, и човек што на овие избори во Америка ќе обиде да ја освои власта во Белата куќа, во изјава за Гласот на Америка ѝ го честита празникот Илинден на македонската заедница во САД.

– Џил и јас испраќаме честитки до македонско-американската заедница, која ги празнува Илинден и антифашистичката декларација од 1944 година. Овие настани ја поставија основата за суверена, плуралистичка и мултиетничка република, која САД се горди да ја наречат пријател и сојузник, и која е длабоко почитувана членка на евроатлантската заедница – изјавил Бајден.
Тој посочи дека Американците со македонско потекло го зацврстиле и го збогатиле американското општество.

Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнз, на Твитер изјави дека му се приклучува на претседателот Стево Пендаровски во одбележувањето на основањето на модерната македонска држава.
Слична порака испрати и претседателот на Италија, Серџо Матарела, кој во телеграма со честитки по повод Денот на републиката до својот македонски колега Стево Пендаровски подвлече дека пријателството меѓу двете држави се интензивира од година на година. А.С.