Поенти референдум: Членството во НАТО и ЕУ гарантира подобар живот за сите млади

125

Младите имаат шанса да ја однесат Македонија напред, членството во НАТО и ЕУ гарантира подобар живот за сите млади, сигурна перспектива, еднакви шанси за сите, зголемена вработеност кај младите, развој на претприемачкиот дух и квалитетно образование, порачаа поддржувачите на референдумот на вчерашните јавни настапи и на средбите со граѓаните.

Пристапот до младинските програми на ЕУ за младите од Македонија ќе значи можност за студирање на најдобрите универзитети во Европа и развивање на вештините неопходни за активно учество на пазарот на трудот.

ЕРазмус

Преку ЕРАЗМУС над четири милиони млади луѓе од Европа, меѓу кои и младите од Македонија имаат можност за академска мобилност, стекнување вештини, спорт, обуки, учење за различни култури и градење на заеднички европски вредности.

Преку Европскиот социјален фонд, Европската унија инвестира над 70 милијарди евра во квалитетно и одржливо вработување и мобилност на работници.

Досега, ЕУ има инвестирано 8,8 милијарди евра во Младинската гаранција за вработување млади.

– Европскиот социјален фонд нуди 70 милиони евра за вработување и мобилност на младото население во државите, а досега Европската Унија во Македонија има дадено повеќе од 8,8 милијарди евра, изјави вчера министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при посетата на општина Ранковце. 

Поддржувачите на референдумот апелираат до младите да се приклучат, бидејќи Македонија избира иднина.

млади сиромашни заминување

Членството во НАТО и ЕУ ќе овозможи нови инвестиции кои ќе отворат нови работни места. Младите нема да сонуваат да се иселат надвор од Македонија. Нема да ја бараат Европа надвор од границите. Европа ќе стане наш дом, а европските стандарди наше секојдневие, велат тие. 

Премиерот Зоран Заев вчера од Велес посочи дека направил компромис затоа што само преку него може да одиме напред, да излеземе од мртва точка и да чекаме бенефити и предности за сите граѓани.

Поддржувачите на референдумското „за“ велат дека високите стапки на невработеноста полека, но сигурно ќе стануваат минато.

Бугарија вработување

Во Бугарија, на пример, просечната плата е порасната за 550 евра по влезот во ЕУ и НАТО, а невработеноста е намалена од 17,2 отсто на 5,3 отсто, додека во Романија просечната плата пораснала за 525 евра, а невработеноста се намалила од 15,6 отсто на 4,3 отсто. Во Хрватска, пак, вработеноста кај младите е зголемена од 26,4 отсто на 43 отсто.

Во првото полугодие на тековната 2018 година после поканата за членство во НАТО Алијансата и напредокот на преговорите со ЕУ, Македонија има забележано рекорден прилив на странски директни инвестиции во висина од 327 милиони евра, што е три пати поголем прилив од истиот период лани. Намалена е и стапката на невработеност на 21,1 отсто што е историски најниско ниво досега. Во првото полугодие во 2018 година се реализирале 10 илјади нови вработувања на наши граѓани што дополнително го забрзува растот. Просечната плата бележи постојан пораст, а во јуни годинава исплатена е за 6,1 процент повисока просечна плата во споредба со истиот период лани. 

Со посветен пристап во спроведувањето на политиките, со членството на државата во ЕУ и НАТО невработеноста забрзано ќе опаѓа, а платите уште повеќе ќе растат. Тоа се силни причини за младите да ни останат во Македонија.

Поддржувачите на референдумот ги повикуваат младите да изберат европско и стабилно семејство во кое сите ќе бидеме безбедни, заштитени и во кое ќе имаме сојузници со кои заедно ќе одиме напред. 

Референдум 2018

– Вашата генерација има привилегија да ја менува Македонија кон подобро. Имате уникатна шанса, еднаш на 30 години, да ја земете судбината на Македонија во своите раце и да го исцртате патот кон успехот преку еден едноставен чекор – глас на референдумот на 30 септември, порачуваат поддржувачите на референдумот.

Според нив, секој глас е важен и потребен. – И не само тоа, потребно е да зборувате, да поттикнувате, да мотивирате. Кажете им на своите блиски, на другарите, на родителите, на бабите и дедовците – кажете им дека е ова ваше време и дека треба да станат, да излезат за вас, за вашата иднина и за иднината на европска Македонија, апелираат оние кои се „за“ европска Македонија.