Поевтинува паркирањето во Битола

1029
Фото: Игор Бансколиев

Битолчани конечно можат да здивнат. Во ситуација кога во овие топли летни августовски денови драстично се зголемија цените на многу производи и услуги, поевтинува зонското паркирање во Битола. Откако општината Битола неодамна му го раскина концесискиот договор за паркирање на приватниот концесионер „Стентон градба“ и одлучи паркирањето во Битола да го врши јавното претпријатие на општината, кое неодамна беше формирано, паркирањето во градот под Пелистер поевтинува.

– Паркирањето во Битола во иднина ќе биде многу поевтино отколку што беше досега – уверува Зоран Дојчиновски, директор на новото јавно претпријатие за паркинзи, чиј основач е општината Битола.

Со новиот ценовник се намалени цените на услугите за сите три зони во градот. Паркирањето во А-зоната ќе поевтини за 5 денари, а во Б за 10 денари. Првите 15 минути остануваат слободни. Во зоната А цената за паркирање ќе биде 30 денари за два блок-часа, а секој следен час ќе биде за 5 денари поевтин, односно 25 денари. Во зоната Б цената ќе биде 20 денари за два блок-часа, а секој нареден час ќе биде за 10 денари поевтин од претходниот. Паркирањето во зоната Ц ќе биде 30 денари цел ден. Драстично е намалена и цената на паркирање во зоната Б, за 10 денари.

– Инаку, со новиот ценовник на новоформираното јавно претпријатие дневната карта ќе чини 250 денари во зоната А и 200 денари во зоната Б што е намалување за 100 денари во однос на претходните цени. Поевтинуваат и цените за блокада на возилата од 1.000 на 500 денари – вели директорот на ЈП „Паркинзи“, Зоран Дојчиновски.

Покрај поевтинувањето на зонското паркирање во градот, новоформираното јавно претпријатие за паркирање, кое треба наскоро да почне да стопанисува со паркинзите во Битола, најави и други активности за да се подобрат условите со паркирањето во градот, кое во последно време е ноќна мора за битолчани. Имено, јавното претпријатие најави дека по купувањето на опремата и софтверот за регулирање на паркирањето во градот, тоа ќе ги асфалтира сите паркинг-места каде што имаше оштетување. Тука пред сѐ се мисли на реконструкција на паркинг-просторот кај стоковната куќа „Јавор“, а наскоро ќе почне изработка на проектна документација и за обнова и комплетно асфалтирање на паркингот кај спортската сала „Боро Чурлевски“.
Во меѓувреме во тек се огласите за вработување работници што ќе работат во новото јавно претпријатие за паркинзи, во кое се планира да бидат вработени 45 работници. Што ќе се случува со преостанатите над 60 вработени, кои работеа кај приватниот концесионер, останува да се види. Тој проблем деновиве најмногу ги преокупира до неодамна вработените работници во „Градски паркинзи“ на фирмата „Стентон градба“, која беше блиска до поранешната власт.

– Нас не нѐ интересира политика. Иако многумина сметаат дека сме вмровци, бидејќи нашиот сопственик беше близок соо претходната власт, ние не сме политички определени. Напротив, ние бевме само работници што во изминатите неколку години за скромни плати работевме на „Градски паркинзи“ и во лето и во зима, кога температурите беа екстремно високи или екстремно ниски. Не би било во ред доколку сите ние сега извисиме и на наше место бидат вработени други лица по партиска припадност, кои допрва треба да учат како е да се контролира и работи на паркинзите – велат дел вработените во фирмата на претходниот приватен концесионер.

Инаку, на последната седница на советот на општината Битола беше донесена програмата за работа на јавното претпријатие за 2019 година, одлуката за систематизација на работните места и актот за внатрешна организација на претпријатието, како и одлуката за вредноста на бодот за пресметка на плата на идните вработени. Според директорот на ЈП „Паркинзи“, Зоран Дојчиновски, јавното претпријатие ќе стопанисува со околу 2.000 паркинг-места.

– Битола е поделена на три зони, А, Б, Ц. Има вкупно 272 места во затворените паркинзи и 1.678 места на отворените паркиралишта. Јавното претпријатие во наредниот период ќе ја преземе и пајак-службата во своја надлежност, која ќе работи во две смени – вели Дојчиновски.

За да се реши проблемот со паркирањето во Битола претходната локална власт предвиде изградба на подземна гаражи под Широк сокак и две катни гаражи во центарот на Битола, но, за жал, од тоа не се случи ништо. Дали сега, со формирањето, новото јавно претпријатие ќе се одлучи да ги изгради гаражите, ќе покаже времето. Но, според тоа како се одвиваат работите во градот, битолчани се скептични дека ќе се случи тоа за брзо време.