Поголема сигурност за студентите по медицина

140
Д-р Никола Брзанов

Македонските доктори си заминуваат од државата и поради ниските плати, но и поради тоа што ние студентите сме демотивирани уште во текот на студиите, велат студентите на Медицинскиот факултет, кои од вчера се дел од Неделата на студенти по медицина што ја организира Клубот на млади лекари.

– Колку и да се трудиме, демотивира тоа што полесно си поминуваат децата на професори, а има и партиски врски. Колку и да сме најдобри, не ги добиваме највисоките оценки – вели Соња Граждани, студентка во шеста година на Медицинскиот факултет.

Д-р Никола Брзанов, претседател на Клубот на млади лекари, изјави дека оваа иницијатива ја организираат за поиновативно да се пристапи кон решавањето на системските проблеми во здравството.

– Студентите се наши идни лекари и треба да почнеме да им даваме чувство на заедништво и похрабро да говорат за проблемите. Најчеста причина зошто бегаат од државата е чувството на несигурност кога ќе завршат факултет. Треба да има национална стратегија, која ќе гарантира поголема сигурност – рече Брзанов.
Неделата на студентите по медицина ја поддржа компанијата,,Алкалоид“.

– Свесни сме за предизвикот и за тоа што нашите млади луѓе си одат од државата, затоа се трудиме како компанија да дадеме придонес тоа да се промени. Преку стипендиите на фондацијата,,Трајче Мукаетов“, преку практиката што ја организираме, ова е нешто плус. Сакаме заедно со студентите да бидеме отворени и на некој начин да најдеме модули да им помогнеме да си го завршат факултетот и да ги охрабриме да останат тука за заедно да градиме подобро општество – рече Живко Мукаетов, генералниот директор на компанијата.

Студентите што беа на отворањето на Медицинскиот факултет добија бесплатни бели мантили. Како дел од настаните поврзани со проектот, предвидено е да има разговори со специјалисти и специјализанти, а ќе има мотивациски говори на успешни лекари.