Повторно исплива проблемот со мигрантите

697

Откога бројките почнаа да се зголемуваат, Турција да се закануваа, а 14 членки на ЕУ го прифатија новиот механизам за солидарност при распределбата на мигрантите што го предложија Германија и Франција, сосема оправдано се наметнува и прашањето каде е Македонија во приказната со мигрантите

Случувањата слични на оние што му претходеа на мигрантскиот бран во 2015 година од ден на ден добиваат на динамика. Паралелно со тоа неделава беше објавено дека четиринаесет земји-членки на Европската Унија го прифатиле новиот механизам за солидарност при распределбата на мигрантите што го предложија Германија и Франција.

– Заклучокот од состанокот е дека во принцип 14 земји-членки во оваа фаза изразија поддршка за француско-германскиот договор – изјави францускиот претседател Емануел Макрон, по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Париз, на кој се разговарало за прашања поврзани со мигрантите и безбедноста.
Иако Макрон притоа не откри детали од новиот договор, тој истакна дека оваа иницијатива ќе дејствува „брзо и автоматски“.

Веднаш потоа, Би-би-си, повикувајќи се на извор близок до француското претседателство, објави дека досега ваквата стратегија ја прифатиле Финска, Луксембург, Португалија, Литванија, Хрватска и Ирска.

Од друга страна, пак, истиот ден во јавноста се огласи и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, кој се закани дека Турција ќе се откаже од договорот за реадмисија на бегалците со ЕУ сѐ додека европскиот блок не го исполни своето ветување за воведување безвизен режим за турските државјани.

Тамошните медиуми потсетија дека официјална Анкара се согласи да ги враќа мигрантите што илегално пристигнуваат на територијата на ЕУ, а за возврат да добие безвизен режим за своите граѓани, што до овој момент не се случи.
Во меѓувреме, и во нашата држава се актуализираат состојбите во оваа област поврзани со мигрантите. Иако властите не покажуваат загриженост, во полициските билтени речиси секојдневно се споменуваат и мигрантите. Па, така, македонската полиција вчера пронајде 61 мигрант во товарно возило со скопски регистарски ознаки. Тие биле од Пакистан, Авганистан, Бангладеш и од Индија.

Минатата недела, пак, комбе со 33 мигранти се преврте на патот Демир Капија – Прилеп.
На прашањето колку случаи со обиди за шверц на луѓе (бегалци и мигранти) годинава биле регистрирани низ нашата држава и дали е регистриран пораст или намалување во споредба со минатата година, од полицијата вчера информираа дека во периодот од јануари до јуни 2019 година, на границата со Грција биле спречени се 10.017 обиди за илегално преминување и дека бројот за двапати е зголемен во однос на јануари-јуни 2018 година, кога биле регистрирани 4.795 обиди. Оттаму подвлекуваат дека во истиот период од 2019 година се откриени 33 обиди за шверцување на 492 мигранти и се изречени мерки за кривичен прогон против 44 лица за сторени 24 кривични дела шверцување мигранти.

За обележување е и информацијата што вели дека со финансии од Европската Унија наскоро треба да започне изградбата на нов прифатен центар за странци, кој со ист капацитет треба да го замени постојниот објект во Гази Баба, бидејќи тој е руиниран и функционира во лоши услови. Оваа информација, која во текот на месецов беше предмет на расправии помеѓу власта и опозицијата, во меѓувреме, ја потврдија и од Министерството за внатрешни работи.

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски како загрижувачки ги оценува сите тие информации и смета дека очигледно е оти на глобалната сцена повторно се крчка нешто со мигрантите и бегалците. Тој советува надлежните во земјава, во соработка со меѓународните партнери и припадници на „Фронтекс“, кои веќе се присутни во Македонија, подготвено да реагираат на истиот начин како што земјата реагираше во 2015-та во екот на бегалската и мигрантска криза.

[email protected]