Повеќето од наставниците се оценети со тројка

630
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Просечната оценка за исполнување на работните обврски на наставниците и стручните соработници е 3,4. За остварување на образовните цели, училиштата се недоволно опремени со нагледни средства и помагала за реализација на кембриџ-програмата по дадените наставни предмети, открива последниот извештај на државниот просветен инспекторат

Во основните училишта наставниот процес се изведува според наставни планови и програми за воспитно-образовна дејност за деветгодишно основно образование, како и по наставни програми по наставните предмети математика и природни науки, адаптирани во соработка со Меѓународниот центар за наставни програми за основно образование од Кембриџ. За остварување на образовните цели, училиштата се недоволно опремени со нагледни средства и помагала за реализација на кембриџ-програмата по дадените наставни предмети. Ова е забележано во последниот извештај на Државниот просветен инспекторат, кој беше објавен неодамна.

– Исто така наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми, а родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата. Од извештаите се констатира дека најголем број наставници, кои се ангажирани во комбинирани паралелки, не добиваат доволно поддршка за работа во истите тие. Во средните стручни училишта наставата се реализира по наставни планови и програми од образовните струки по профили, по наставен план за спортска академија, а во гимназиите по наставни планови и програми за гимназиско образование од природно-математичко, јазично-уметничко и општествено-хуманистичко подрачје. Констатација е дека стручните училишта немаат еднаков интерес за учениците, некои се поатрактивни, а некои не, за што треба да се утврди причината, а исто така нема доволно нагледни средства и помагала за реализација на практична настава, недоволна е соработката со компаниите каде што треба да се реализира обука на што треба да се поработи – стои во извештајот на инспекторите.

Во извештајот од интегралната евалуација спроведена во училиштата низ Македонија, односно во процесот на оценување на квалитетот на воспитно-образовниот процес, биле вклучени и наставници и стручни соработници. Вкупно 361 наставник е оценет со оценка 5, со 4 е оценети 3.004 наставници, со 3 се оценети 3.051, оценка 2 добиле 509 наставници, а единица добиле 14 лица. Просечната оценка за исполнување на работните обврски на наставниците и стручните соработници е 3,4.

Исто така, има посебен дел во извештајот во кој пишува какви се наставата и учењето. Во поголем број училишта, информатичката технологија не е во функција, за што постои неможност за реализација на ИКТ во наставата, пишува таму.

– Феријалната практика во средните стручни училишта несоодветно се организира и реализира. Наставниците се недоволно обучени за изготвување планирања и реализација на воспитно-образовниот процес во комбинираните паралелки. Повеќето наставници не изготвуваат и не користат критериуми за оценување – се додава во документот.

Во училиштата постои целосна искористеност на просторните услови за реализација на наставата, а со изградба на нови спортски терени и фискултурни сали постои тренд на подобрување на настава по физичко-образование / спорт и спортски активности, но само во централните училишта. За подобрување на условите за настава по овој наставен предмет во руралните средини е потребно да се преземаат активности за целосна реализација на сите содржини од наставните програми. Исто така, инспекторите констатирале дека во училиштата има простории што се наменети за библиотеки, но слабост е што библиотечната евиденција не се води во електронска форма и постои недостиг од лектирни изданија и стручна литература.

За наставниците приправници навремено се назначуваат ментори, кои изготвуваат програма за работа, но истата таа неквалитетно се спроведува. Приправниците се најчесто оставени самостојно да работат, а менторите својата работа ја спроведуваат само при потпишувањето на потврдата за менторски стаж. Во поголемиот број училишта не постои интерна процедура за упатување на наставниците за професионално усовршување, но добра практика е тоа што наставниците што биле на обука најчесто спроведуваат дисиминација на стекнатото знаење од истите тие.


Седми мај ќе се одработи на 8 јуни

На последната седница Владата донесе одлука 7 мај, кој беше прогласен за неработен ден поради посетата на папата Франциск, да биде одработен на 8 јуни, оваа сабота.
– Оваа одлука се однесува на основните и средните училишта на територијата на градот Скопје, кои го немаат одработено овој ден во претходниот период, како и за детските градинки и здравствените установи на територијата на градот Скопје, кои од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство ќе добијат планови за работењето во овие дејности – соопштуваат од Владата.
Со оваа одлука, Владата му препорачува и на приватниот сектор на територијата на градот Скопје да ја спроведе оваа одлука, односно овој ден да биде работен и за вработените во овој сектор доколку 7 мај бил неработен.