Поактивна МПЦ и похрабра Вселенска патријаршија

283
Фото: Дарко Андоновски

Оцените се дека голема улога во таквата состојба има Вселенската патријаршија, која годината ја помина во преговори со другите цркви за верификација на признавањето на Украинската автокефалност. Сепак, според многумина, тука вина има и МПЦ, која оваа година остана во пасивна состојба без мнoгу обиди да го активира процесот

Македонската православна црква-Охридска архиепископија очекува 2020 година да биде година во која прашањето за нејзината автокефалност треба конечно да влезе во процедура на Вселенската патријаршија, по што ќе биде појасно како ќе се одвива процесот за признавање на Македонската црква. Годината што изминува, генерално, се оценува како уште една статус кво состојба, кога станува збор за ова прашање.

Оцените се дека голема улога во таквата состојба има Вселенската патријаршија, која годината ја помина во преговори со другите цркви за верификација на признавањето на Украинската автокефалност. Сепак, според многумина, тука вина има и МПЦ, која оваа година остана во пасивна состојба без мнoгу обиди да го активира процесот.
Дел од јавноста смета дека МПЦ треба да има проактивна улога и да бара почести средби со претставниците на Вселенската патријаршија, но и на преостанатите цркви, за да ги запознае лично со барањето испратено до патријархот Вартоломеј, но и со реалниот црковен живот на МПЦ. Преостанатите, пак, сметаат дека со самото испраќање на писмото до патријархот Вартоломеј, МПЦ покажала проактивност и дека сега сѐ е во негови раце.

Фото: Ненад Андонов

Македонските владици очекуваат дека Вселенската патријаршија ќе остане доследна на најавите дека ќе ја преземе одговорноста за решавање на македонското црковно прашање. Меѓу нив владее оптимизам дека работите ќе се движат во посакуваниот правец.
Владиката Тимотеј, одговорен за Дебарско-кичевската епархија при МПЦ, наедно и портпарол на Синодот, вели дека последната седница ја одржале пред неколку дена, но на неа разговарале само за тековните состојби во црквата.

– Не разговаравме за евентуалното признавање на МПЦ како автокефална црква. Тоа прашање треба да го одлучува Вселенската патријаршија. Ние испративме писмо. Сега други се на ред – кратко посочи владиката Тимотеј.
Верскиот аналитичар Цане Мојановски вели дека досега решавањето на црковното прашање било ставено во сенка.
– Сепак, може да се очекува скоро решавање и затворање и на ова прашање, кое долго време беше оставено отворено – објасни Мојановски.

Минатата година премиерот Зоран Заев иницира постапка за црковното прашање, со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање да ѝ се признае автокефалноста.
Инаку, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.


Можни поделби во православието

Откако Вселенската патријаршија ја почна борбата за признавање на Украинската црква, а Руската црква паралелно ја води битката за оспорување на таквото признавање, во јавноста се наметна прашањето каде оди православието, можна ли е поделба на два блока на православните цркви, од кои еден ќе биде под Вселенската патријаршија, друг под Руската православна црква?
Сепак, аналитичарите велат дека од тоа каков ќе биде исходот од сегашната состојба во православието, како и од успешноста на проектот со признавањето на Украинската православна црква зависи и процесот за добивање томос за МПЦ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]