Во 1866 година, Славка Држилович, ќерка на Константин (Динка) Држилович, отворила училиште во Солун. Славка предавала на македонски и грчки јазик

Солунскиот шивачки еснаф во 1817 година го составил Памѧтнѝца или спомеіца на живи и на мертви, на македонски народен говор. Во 1841 година бил преведен на грчки јазик за да може да биде читана во црквата од свештениците, бидејќи словенскиот јазик бил забранет (Ив. Снѣгаровъ, Солунъ въ българската духовна култура…, 27).

Зографскиот монах Павел (Божигропски) од ениџевардарското село Кониково во 1841 година, составил изборен апостол на црковно – словенски јазик (Ив. Снѣгаровъ, Солунъ въ българската духовна култура…, 30).

Бил распространуван во неговиот роден крај. Неколку години подоцна, Павел како јеромонах и протосингел на македонски народен говор ги превел неделните евангелски четива. Во 1852 година во печатницата на Киријак Држилович било печатено неделното евангелие на Павел Божигропски на македонски народен говор (Ив. Снѣгаровъ, Солунъ въ българската духовна култура…, 32).

Според Снегаров, во печатницата на Држилович бил печатен и законот од 25 јули 1851 година за битолските чифлигарски села, издаден на 2 август во Солун на западно македонско наречје. Во 1863 година, Евстатиј Киприади го превел зборникот од неделни евангелија на месниот македонски говор на грчки букви за употреба во солунското село Кулакија при црковното служење. Во 1868 година, свештеникот Иван во селото Висока превел еден зборник на црковни проповеди на македонски народен говор со грчко писмо и црковнословенски букви. (Ив. Снѣгаровъ, Солунъ въ българската духовна култура…, 32).