Пензионерите добија претседателка

322
Станка Трајкова доби најголемата доверба од делегатите на СЗПМ

Нова претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) и на извршниот одбор е Станка Трајкова, која доаѓа на местото на досегашниот претседател Драги Аргировски.

На вчерашното собрание, на кое учествуваа 63 делегати, Трајкова ја доби најголемата доверба од присутните, пред нејзиниот противкандидат Салтир Каровски, потпретседател на извршниот одбор на СЗПМ. Трајкова претходно ја вршеше функцијата секретарка на извршниот одбор на СЗПМ.

– Ќе се залагам за заштита на стекнатите права од пензиското и инвалидското осигурување, особено за редовна исплата на пензиите, нивно усогласување, следење активно на сегашните актуелни реформи, кои имаат цел да се подобри финансиската стабилност на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на еден подолг рок – рече Трајкова.

Според неа, реформите во пензискиот систем се реформи над реформите.
– Овие реформи јас ги нарекувам реформи над реформите и имаат во себе содржини што направија баланс во правата и интересите на генерациите, на сегашните пензионери и на идните млади пензионери, кои во иднина ќе остваруваат права и од новиот тристолбен пензиски систем – истакна Трајкова.

Таа најави продолжување на традиционалните пензионерски активности, но и социјално-хуманитарен ангажман на сојузот.
Инаку, нејзиниот противкандидат Салтир Каровски во својата програма најавуваше дека ќе се заложи за зголемување на капацитетите во домовите за стари лица и во пензионерските домови, како и за поголема можност за геријатриско лекување на пензионерите. Каровски уште додаде дека негова цел ќе биде и соработка со здруженијата од соседните држави.

На вчерашната конститутивна седница на собранието на СЗПМ, за претседател на Собранието беше избран м-р Илија Адамоски. С.Т.