Пендаровски се сретна со претставници на граѓанската организација „Полио Плус”

41

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети граѓанската организација „Полио Плус“ и имаше средба со нејзини претставници.

На средбата, се разговараше за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп. Kако што истакнаа, тие ја промовираат ефективната и целосна имплементација на Конвенцијата преку активно и координирано вклучување на заедницата со хендикеп на национално и регионално ниво. Но, реакцијата на институциите, според „Полио плус” е на незадоволително ниво.

Во оваа насока, претседателот Пендаровски искажа очекување дека цели девет години по ратификацијата на Конвенцијата крајно време е да се имплементираат нејзините одредби, особено кога станува збор за членовите 5 и 9, односно правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.

Истовремено, претставниците на „Полио плус“ го информираа претседателот Пендаровски за начинот на распределба на финансиската поддршка од државата кон здруженијата на лица со хендикеп, која, како што рекоа тие, е неправедна. Образложувајќи дека според сегашната владина програма, средствата коишто се прибираат како процент од продажбата на игрите на среќа, се распределуваат само на 7-те Сојузи на здруженија, oд „Полио плус“ очекуваат проширување на таа програма, за да бидат опфатени и организациите на лица со хендикеп. И при распределба на средствата да се следат препораките на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп, за што претседателот Пендаровски искажа целосна поддршка.