Пендаровски: Обезбедувањето на правата на заедниците овозможува еднаква шанса за лично остварување

43

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Еран Куртиш и заменик директорот Џелал Хоџиќ.

На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за тековните процеси и стратешкиот план за работа на Агенцијата, како и за предизвиците со коишто се соочуваат во однос на прашањата поврзани со остварувањето на правата на немнозинските заедници во нашата држава.

Во тој контекст беше посочена потребата од интензивирање на активностите од приоритетните области кои се дел од Стратешкиот план за работа 2020-2022, со цел поефикасно имплементирање на заложбите за рамноправност, развој, интеграција и просперитет на етничките заедници во земјава.

Претседателот Пендаровски нагласи дека обезбедувањето на правата на заедниците овозможува еднаква шанса за лично остварување на секој граѓанин, што е еден од основните предуслови за севкупен развој и стабилност на општеството. Во таа насока претседателот ја реафирмираше неговата континуирана поддршка на заложбите за унапредување на правата на сите етнички заедници во Македонија, согласно нивните уставно загарантирани права.