Пендаровски: Имаме државен консензус за ЕУ, не размислуваме за алтернатива

358
Фото: Игор Бансколиев

Имаме јасен државен консензус, а тоа е дека Македонија треба што поскоро да ги почне преговорите со Европската Унија. Ова го изјави претседателот Стево Пендаровски по првиот дел од лидерската средба, каде стана збор за заклучоците на Европскиот Совет и блокадата на почетокот на преговорите со Унијата.

Пендаровски пред новинарите изјави дека сите поканети лидери на средбата се децидни оти за ЕУ не постои алтернатива, безразлика која политичка партија во иднина ќе ја предводи власта во земјава.

– Сите поканети лидери застанаа зад стратешката цел. Ниту еден од нив не испушти да каже дека ЕУ е единствениот пат по кој треба да оди нашата земја – рече Пендаровски.

Претседателот изјави и дека нашата земја нема проблем со најавите кои се однесуваат на нова методологија за прием на земји-членки во Унијата.

– Сите лидери беа согласни околку новата методологија на преговорите, каде станува збор за враќање назад на поглавјата, па и на самиот почеток доколку некои реформи не се остварени.  Сите беа категорично „не“, за приклучување кон други сојузи и организации, иако во моментов не станува збор за таков предлог. Безралика кој е на власт или во опозицијата, лидерите се обврзаа дека ќе работат на овие вредности – изјави Пендаровски од Вилата Водно.

Тој по обраќањето се врати назад на состанокот, каде во вториот дел ќе стане збор за датумот за предвремените парламентарни избори во земјава.