Пендаровски: Здравствените производи треба да бидат достапни за сите

72

Здравствените производи со сертифициран квалитет треба да бидат достапни за сите, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќање на специјалнатата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на пандемијата на kовид-19.

Тој оцени дека голем чекор во вистинска насока е воспоставувањето на глобалната програма КОВАКС за набавка на вакцини, која треба да овозможи лесен и балансиран пристап до вакцините на сите луѓе во светот.

Претседателот Пендаровски се заблагодари на Обединетите нации и Светската здравствена организација за лидерството во координирањето на напорите на глобално ниво за контрола и спречување на ширењето на ковид-19, како и на сите земји и организации кои ни дадоа поддршка со медицинска опрема и материјали, како и споделување на знаење и искуство.

„Пандемијата како системска закана бара системски одговор“, порача претседателот и додаде дека треба заедно да продолжиме да работиме во создавањето на издржливи, добро управувани, одговорни, отчетни здравствени системи кои им служат на граѓаните.

Говорејќи за ситуацијата во Македонија со корона-кризата, Пендаровски рече дека пандемијата го зела својот данок во човечки животи, извршила притисок врз здравствениот сектор и ја ослабела економијата.

– Владата неодамна прогласи кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија за период од 30 дена. На овој начин ќе се помогне да се искористат капацитетите на Армијата и ресурсите на приватниот здравствен сектор со цел поефикасно да се контролира ширењето на вирусот и да се спасат што е можно повеќе човечки животи – рече Пендаровски.

Тој додаде дека економијата може да страда, но животите на луѓето се бесценети, па затоа спасувањето човечки животи треба да има предност пред сè друго. Во исто време, како што нагласи Пендаровски, нашите напори за контрола на ширењето на вирусот не смеат да бидат на штета на основните права и слободи, што поздразбира здравствена заштита и економски стимул за сите кои имаат потреба.

На сесијата што се одржува во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации учествуваа над 150 шефови на држави, влади и министри.