Пендаровски за Сребреница: Идеите за етнички чисти територии секогаш водат кон трагедии

158

Претседателот, Стево Пендаровски, упати порака по повод 25-годишнината од геноцидот во Сребреница.

„Пред 25 години се случи геноцидот во Сребреница кога повеќе од 8.000 луѓе, претежно мажи и деца беа систематски убиени, само поради тоа што беа Бошњаци. Ова е, без дилема, еден од најмрачните настани во модерната европска историја за кој не постои никакво рационално оправдување. Некои од злосторниците веќе се соочија со правдата пред Меѓународниот суд. Дел од преживеаните, собраа храброст да им погледаат во очи на своите џелати, и да им простат на оние кои се покајаа за своите злодела. Но, многумина од нив продолжуваат да живеат со ужасните трауми дополнително засилени со негирањето и релативизирањето на вистината за злосторот“, вели Пендаровски.
– Меморијалниот центар и Мајките на Сребреница преку јасна порака, не соочуваат со колективното минато и се совеста на нашата генерација. Тие не поттикнуваат омраза, ниту бараат одмазда, бидејќи со тоа се продлабочува неправдата. Тие само ја бараат вистината и правдата, како предуслов за мирот.

Историјата, не само на Балканот, не учи дека идеите за етнички чисти територии, секогаш водат кон трагедии. А, последните балкански војни покажаа дека и по Холокаустот геноцидот може да се повтори. Ако една генерација не зборува, наредната ќе заборави, што создава плодна почва за нови конфликти.

Освен сеќавањето, алтернативите се градат преку образованието што промовира солидарност и сочувство кон другите, почитувајќи го вроденото достоинство на секој човек. Единството во различноста се штити преку механизми што се борат против системската неправда.

Дваесет и пет годишнината од геноцидот во Сребреница, се случува во период на пандемија на КОВИД-19 којшто секојдневно зема илјадници човечки животи низ целиот свет. Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливоста кон различните.

Да градиме општества во кои ќе има место за секој од нас. Да направиме дом во кој ќе се прифаќаме едни со други и покрај нашите разлики. Затоа што сите сме луѓе – додава Пендаровски во пораката.