Пендаровски: ЕУ не смее да ги изостави земјите од Западен Балкан

47

Конференција „Балкански дијалози“ во Берлин

ЕУ не смее да ги изостави земјите од Западен Балкан бидејќи и граѓаните на тие држави заслужуваат подобри услови и поголем животен стандард, порача македонскиот претседател Стево Пендаровски, на панел-дискусијата насловена „Проширување на ЕУ – неисполнето ветување – што сега?“, во рамките на конференцијата „Балкански дијалози“ што се одржа вчера во Берлин.

– Би сакал да потсетам дека од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија веќе со години, односно предолго преговараат, две земји односно Северна Македонија и Албанија, со години чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а преостанатите две, Босна и Херцеговина и Косово, воопшто никој не ги споменува – рече Пендаровски.

Според него, граѓаните на овие земји полека почнуваат да губат надеж дека ќе ги почувствуваат бенефициите и вредностите од членството во Унијата, поради што кај нив се раѓа сомнеж дека регионот на Западен Балкан ќе биде во иста ситуација како што е Турција.

На конференцијата во Берлин Пендаровски го повтори ставот дека земјава не е против нова методологија за проширувањето на Европската Унија, ниту, пак, е против реверзибилност на процесот ако одредена земја значително назадува при процесот на преговори со Унијата.

– ЕУ не ѝ е потребна на нашата земја само поради пристапот кон заедничкиот пазар, туку пред сè, заради политичките и демократски вредности кои ги има и кои се практикуваат во земјите членки на ЕУ – порача Пендаровски, констатирајќи дека овие вредности сè уште не се на задоволително ниво, ниту во Македонија, ниту, пак, во останатите земји од регионот на Западен Балкан.