Пендаровски: Двете држави ја споделуваат трагедијата на Холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи

84

Претседателот, Стево Пендаровски, кој во Ерусалим ќе учествува на Форумот по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау, денес се сретна со претседателот на Израел, Реувен Ривлин.

– Претседателот Пендаровски нагласи дека двете држави ја споделуваат трагедијата на Холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи од нашата држава, што претставува ненадоместлива загуба за нас. Претседателот ја подвлече улогата на еврејската заедница во Република Северна Македонија изразувајќи уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на добрите односи меѓу двете земји – соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Тој информирал дека од декември 2019 година Македонија е асоцијативна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот и ќе се заложи да стане полноправна членка во 2021 година.

Исто така, Пендаровски се заблагодарил за поддршката што Израел ја дава на  Македонија во изминатиот период, од стекнувањето на нашата независност, додавајќи дека постојат можности за интензивирање на економската соработка.

Двајцата претседатели размениле информации и мислења за состојбите на Балканот и за блискоисточниот регион. На средбата беше изразено задоволство од одличната соработка меѓу двете земји на билатерален и мултилатерален план.