Институтот за Европска политика беше домаќин на денешната виртуелна конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Република Северна Македонија“ во соработка со „Институтот за комуникациски студии“ (ИКС) во рамките на заедничката кампања „Разбистри сѐ“, во која беа спроведени анализи што покажаа дека квалитетот на водите е еден од приоритетите на Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан и во Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени, која е поддржана од Обединетото Кралство.

Конференцијата се одржа како обид за креирање на простор во кој ќе бидат поврзани дискусиите на јавните политики од различни сектори за животната средина, за заштита на водните ресурси на државно и локално ниво, преку осврнување на Зелената агенда за Западен Балкан.

На панел-дискусијата учествуваа претседателот Стево Пендаровски, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, Давор Перчан од Директоратот за животна средина на Европската комисија и експерти од релевантни институции од земјата и регионот, како и британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј.

– Ние од ИКС цврсто веруваме дека само јавно достапните и отворени податоци можат да придонесат да имаме подобро плурално и демоктартско општество, а тоа е првиот чекор да можеме сите ние, како граѓани, експерти и активисти, да се вклучиме во креирањето на подобри јавни политики, подобри закони и подобри законски измени, кои ќе бидат во интерес на сите граѓани. Кампањата се фокусира на две компоненти: Делот на заштита на водата и водните ресурси, за кој сметаме дека ги имаме доволно, за жал покажаа дека ја злоупотребуваме повеќе отколку што треба, и за зголемен надзор на инспекциските служби кон делот на заштита на природните ресурси – изјави директорката на ИКС, д-р Жанета Трајкоска во нејзиното обраќање на виртуелната конференција.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќањето на виртуелната конференција истакна дека доколку не бидат преземени долгорочни мерки за нивна заштита, можеме неповратно да ги изгубиме водите, за кои мислиме дека се засекогаш обновлив ресурс.

Според некои проценки, истакна Пендаровски, во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација.

Подеднакво сериозен проблем, според претседателот, е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, со што како што рече, се врши легализирано уништување на речните корита.

Според Пендаровски проблемот е во ниското ниво на јавна свест.

Слаба алка во нашиот систем, според претседателот, е инспекцискиот надзор, за кој рече дека е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.

Претседателот Пендаровски реши да ги одложи останатите обврски и да остане до крајот на конференцијата за да ги ислуша сите панелисти, бидејќи, како што рече, ова е исклучително важна тема, а прашањето има и надворешна политичка димензија и прекугранична соработка, бидејќи делиме дел од реките и езерата со нашите соседи.

Универзитетскиот професор Светислав Крстиќ истакна дека нашите води се крвотокот на нашата земја, велејќи дека многу штетни материи завршуваат во водата, каде што иако граѓаните мислат дека тие исчезнуваат, реалноста е поинаква, додека Орхидеја Каљошевска, координаторка на Македонија во Инвестициската рамка на Западен Балкан, смета дека е потребна поголема инволвираност на општините за заштита на водата на граѓаните.

Ситуацијата со водите е слична и кај нашиот сосед Албанија, како што посочи Јадранка Иванова, раководителка на Програмата за поддршка на Албанија за пристапни преговори за животна средина. Таа нагласи дека е потребна регионална соработка за управување на Дримскиот слив и дека таквата соработка во иднина е неизбежна.

Во завршното обраќање на виртуелната конференција беше потенцирано дека Македонија треба да вложи големи напори во оваа област за да го намали уништувањето и загадувањето на водите, а за тоа ќе биде потребна соработка помеѓу властите, организациите и граѓаните, како и финансиски средства кои земјата не може сама да ги обезбеди.

– Се додека не ги решиме проблемите во земјата ќе бидеме во лоша позиција и не сме добар партнер за членство во ЕУ. Треба да се фокусираме на себе и она што ни е приоритет, и мислам дека сме способни самите да ги решаваме прашањата – изјави д-р Трајкоска во нејзиното завршно обраќање. В.Т.