Особено е интересно што за време на посетата во Атина, Вартоломеј имал средба и со американскиот амбасадор во Грција. По таа средба, САД отворено порачаа дека тие силно го поддржуваат патријархот Вартоломеј во напорите за единство на Православната црква и во одлуката да ѝ додели автокефалност на црквата во Украина

Дали Македонската православна црква – Охридска архиепископија и решавањето на нејзиното прашање биле едни од темите за кои разговарале вселенскиот патријарх Вартоломеј и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, на нивната последна средба, одржана минатата недела во Атина? Верските аналитичари оценуваат дека токму од продлабочувањето на комуникацијата меѓу Вселенската патријаршија и Грчката црква, ќе зависи и темпото со кое патријархот Вартоломеј би го водел процесот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Според нив, посетата на патријархот Вартоломеј на Грција и најавата за возвратна посета на грчкиот архиепископ Јеронимос на Фанар внесуваат надеж за нови односи во блокот грчки цркви, кој може да изроди зајакнување на позициите наспроти Руската црква.

– Клучно за Вселенската патријаршија е да обезбеди што поширока поддршка кај православните цркви за нејзината одлука да ѝ издаде томос за автокефалност на црквата во Украина. Тоа е особено важно и за МПЦ-ОА, која исто така ја чека одлуката на Вартоломеј за признавање на нејзината автокефалност – додаваат аналитичарите.
Верскиот аналитичар Цане Мојановски вели дека комуникацијата меѓу Вселенската патријаршија и ГПЦ упатува на можно приближување на односите меѓу црквите, како и на усогласување на ставовите за прашањата што се приоритет во православието.
– Не може со сигурност да се каже дали било разгледувано нашето црковно прашање, зашто никаде нема официјално соопштение за тоа, но посетата на патријархот Вартоломеј на ГПЦ упатува на тоа дека има комуникација – додава Мојановски.

Според аналитичарот Бранко Ѓорѓевски, пак, целата ситуација со посетата е индикативна дека имало размена на мислења за решавање на македонското црковно прашање.

– ГПЦ не го соопшти својот став околу автокефалноста на Украинската православна црква. Тогаш беше воздржана. Затоа на патријархот Вартоломеј му е значајно мислењето на Грчката црква, нејзините ставови и реакции по клучни прашања. Особено, ако тргне со решавањето на нашето прашање, битни се и реакциите на ГПЦ – смета Ѓорѓевски.

Особено е интересно што за време на посетата во Атина, патријархот Вартоломеј имал средба и со американскиот амбасадор во Грција. По таа средба, САД отворено порачаа дека тие силно го поддржуваат патријархот Вартоломеј во напорите за единство на Православната црква и во одлуката да ѝ додели автокефалност на Украина. Грчкиот весник „Катимерини“ пишуваше дека посетата означува вртење нова страница помеѓу Вартоломеј и атинскиот архиепископ, Јеронимос, бидејќи нивните односи во изминатиот период биле заладени.


СПЦ не се откажува од дијалог со МПЦ-ОА

Српските медиуми пишуваат дека се во тек интензивни подготовки за стратегија за почеток на замрзнатиот дијалог меѓу МПЦ-ОА и СПЦ. Тамошната јавност се подготвува за тоа Српската црква да биде клучниот решавач на проблемот за македонското црковно прашање. Засега сѐ уште нема ништо официјално од најавите на СПЦ. Во МПЦ-ОА, пак, чекаат прво да добијат официјално известување, па потоа да ја стават таа точка на разгледување на седница на Синодот.