Очајничкиот апел за помош упатен до Македонија одекна во светот

1437

Жена од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) која избега во Македонија, бара помош откако нејзиното барање за азил во балканската држава било одбиено, пренесуваат светските медиуми. Таа тврди дека избегала од Дубаи, откако нејзиното семејство ѝ се заканувало кога се обидела да се разведе од сопругот. Нејзината приказна ја објавија американската телевизија Си-ен-ен, британскиот весник „Гардијан“ и други медиуми.

Барањето за азил на Хинд Мохамад Алболуки (42) било одбиено на 4 февруари од Министерството за внатрешни работи на Македонија. Жената е сместена во прифатен центар уште од 7 декември минатата година, со што сега стравува дека ќе биде депортирана назад во ОАЕ. 

Семејството на мајката на четири деца, не го одобрувало барањето за развод и се обидело да ги одземе личните документи од Алболуки.

– Тие се плашат дека нивното име ќе биде извалкано. Ако некој ви го бара пасошот или личната карта, јасно е дека се случува нешто сомнително и јас не сум глупава. Јас сум мајка на четири деца. Ниедна мајка не би ги оставила своите деца. Но, јас морав да го сторам тоа. Немав друг избор – вели Алболуки.

Нејзин пријател од Кочани, со кого се запознале на брод, го води твитер-профилот на Алболуки, откако таа е задржана. Тој истакна дека Алболуки избегала од семејството на 2 октомври минатата година, откако не ѝ било дозволено да отиде во тоалет. Таа истрчала боса и се сокрила на градилиште во близина, пред да фати такси со кое отишла до нејзин познаник во градот Шарџа.

Несреќната жена потоа избегала во Бахреин, а пријателот од Кочани ѝ помогнал да стигне до Македонија преку букирање на нејзиниот лет. Таа одлетала до Србија преку Турција, пред да влезе во Македонија на 4 октомври, каде што побарала азил две недели подоцна.

Барањето за азил било одбиено бидејќи не постоеле докази за прогон, врз основа на нејзината раса, вера, националност или политичка припадност, според соопштението на МВР. Во тек е 15-дневниот рок во кој Алболуки треба да ја напушти Македонија. Таа стравува дека би можела да се соочи со сериозни последици доколку се врати во ОАЕ.