Охрид затрупан со ѓубре, граѓани излегоа да го собираат отпадот

372

Центарот на Охрид, но и други познати туристички локации деновиве се затрупани со ѓубре.

Како што може да се види на фотографиите објавени на социјалните мрежи, отпад во текот на вчерашниот ден можеше да се забележи насекаде низ градот кој е полн со домашни туристи.

Расфрлани беа шишиња, пластични кеси и опаковки од храна.

Активостите од „Охрид СОС“ објавија дека група совесни граѓани вчера го собирале отпадот.

– Има луѓе што не ги интересира каде го фрлаат отпадот и загадуваат каде што ќе стигнат, но има и совесни и вредни луѓе како овие на објавата кои ги санираат штетите на првите. Ако имаше функционални институции во земјава, расфрлачите на отпад немаше да бидат толку храбри, зашто највеќе боли кога ќе те удрат по џеб – велат од „Охрид СОС“, приложувајќи неколку фотографии од акцијата.

Колони возила и утрово се упатија кон Охрид каде граѓаните во најголем број одлучија да го поминат продолжениот викенд.