Отровна дизел-инвазија од Германија

587
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стравувањата за нов можен бран од половни дизел-возила станаа уште поголеми откако Владата се откажа од првичните најави за субвенционирана замена на стари со нови автомобили, чија цел беше со подновен возен парк да се намали загадувањето на воздухот. Но наместо тоа, стравувањата се дека сега и така отровниот воздух во Македонија дополнително ќе се загади

Околу 350.000 половни дизел-автомобили од Германија би можеле во скоро време да завршат на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, откога таа држава воведе построги еколошки стандарди, така што таму веќе никој не ги купува. А бидејќи македонските граѓани веќе се покажаа како големи љубители на дизел-возилата, не се исклучува можноста од нов наплив на половни возила од Германија, кои, иако се според стандардот евро 6, кој државава го дозволува за увоз, сепак се со поодмината километража и претставуваат сериозна закана по природната средина. Стравувањата за нов можен бран од половни дизел-возила станаа уште поголеми откако Владата се откажа од првичните најави за субвенционирана замена на стари со нови автомобили, чија цел беше со подновен возен парк да се намали загадувањето на воздухот.

– Ќе одиме со друго решение за мерката да можат да ја искористат повеќе заинтересирани граѓани или таа поволност што би можеле да ја даваме преку законско решение. Ќе нема директно субвенционирање со пари – рече министерот за економија Кресник Бектеши, појаснувајќи дека со првичната замисла според моделот „прв дојден, прв услужен“ немало да се опфатат доволен број граѓани.
Додека нова владина работна група ќе мисли како да најде ефикасен модел за субвенции при купување нов автомобил, плацевите постојано се дополнуваат, и тоа најмногу со половни дизел-возила.

Повеќето студии покажаа дека, меѓу другото, и дизел-возилата значително придонесуваат за загадувањето на воздухот во повеќето македонски градови, бидејќи количеството на сулфур што го има во издувните гасови е поголемо од оние кај бензинските мотори.
– Нашиве граѓани не сфаќаат дека одржувањето на дизел-возилата е многу попроблематично од бензинците. Имено, дизелите во старт се поскапи уште при купување, имаат поскапо одржување, сега и цената на нафтата воопшто не е ниска, а згора на тоа, ниту еден дизел, зборувам за возилата од средната класа, не троши во град помалку од осум литри нафта – појаснува Бојан К., автомеханичар од Скопје.

Тој додава дека речиси секој втор ден кај него доаѓа понекое возило од претходно увезените.
– Најчесто тоа се дизели претежно увезени од Германија, но има и од Словенија, Италија и од Швајцарија. Кога ќе ги погледнеш, на лик сите автомобили изгледаат убаво, но кога ќе фрлиш поглед под хаубата ќе заклучиш дека повеќето се со дотраен мотор, вратени километражи, отстранет катализатор, а веќе се забележува и ’рѓа на подвозјето. Доволно е една-две зими да се провози автомобилот по сол низ скопските улици и веднаш ќе покаже каде сè е скапан. Да бидам искрен, мене ми одговара да има што повеќе стари автомобили, бидејќи ќе имам повеќе работа, но ова со загадувањето на воздухов навистина станува загрижувачко – нагласува Бојан К.

Реагираат и некои од импортерите на нови возила, кои ја повикуваат државата, наместо да размислува за стимулирање на купување половни возила, да им овозможи на граѓаните да дојдат до поевтини нови возила.
– Политика за некакво субвенционирање при купување половно возило се креира за овој крш што е тука на плацовите, а што не може да се продаде, сите ние да го субвенционираме за некој да заработи – смета еден импортер на нови автомобили.
Според него, цените на новите автомобили би можеле да станат поприфатливи за сите ако државата интервенира во делот на акцизата или на ДДВ, со што парите, наместо за половен, би се дале за нов автомобил, што, секако, би влијаело и врз креирање поздрава животна средина.

Во 2018 година извозот на половни автомобили на источниот и југоисточниот европски пазар од Германија изнесувал 226 илјади возила, што е двојно повеќе во однос на 2013 година, пред скандалот на „Фолксваген“, со лажирањето на податоците за емисијата на штетни гасови, кога биле извезени 142 илјади возила.
Според податоците на Царинската управа, од јануари до јуни оваа година се увезени 16.205 половни возила. Во првата половина од годината лани биле увезени 13.355 стари автомобили, а во првите шест месеци од 2017 речиси 10.000 автомобили. Ако се направи илустрација на актуелната состојба во оваа сфера во државава, произлегува дека на една нова, се увезуваат по шест половни автомобили.