Отворен мал групен дом во Неготино

209

Деветгодишниот Павел, шест години постариот Рамче и 11 годишниот Дамјан со интелектуална попреченост кои досега престојуваа во Специјалниот завод во Демир Капија почнуваат нов живот. Се отвора мал групен дом во Неготино. Домот сместен во поранешните простории на Центарот за социјални работи, денеска го посетија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со претставници на Европската делегација, УНИЦЕФ и УНДП. 

– Во Неготино го отвораме првиот мал групен дом кој се однесува на трансформацијата на оваа институција што почна уште во 2017 година, работевме напорно на подготовки и на вработените, но и на децата кои треба да се префлрат во двата мали групни дома, едниот во село Тимјаник, а другиот во ценатрот на Неготино. Она што денеска сите заедно може да го видиме е дека насмевките на овие деца не може да заменат ниедна тежина која што ја чувствуваме во целиот овој процес- рече Царовска.
 
Според неа, се постигнува заштита и грижа каква што како држава сме се обврзале според устав, закон и ратификувани конвенции.
 
– Очекувам овој процес денеска да го покаже никулецот дека целото општество стои зад овој процес, заеднички да го одиме патот. И медиумите и граѓаните да не следат како го имплементираме ова и навистина за неколку години да се гордееме, дека децата не се повеќе во институциите. Затоа уште пред шест месеци Министерството се заложи да нема ниту едно дете од нула до три години до 2020 година во институција, но сметам и дека побрзо ќе ги извлечеме- нагласи министерката. 
 
Постојниот претставник на Програмата за развој на ОН Луиза Винтон рече дека во целиот овој процес се користат искуствата на други земји што веќе го имаат изодено овој пат.
 
– Подготвени сме да ја дадеме целата неопходна поддршка на овој пат и сакаме да се заблагодариме на сите наши партнери и да им порачаме на домаќините, односно на градот или селото каде што ќе се случи ваквиот премин на лицата со попреченост, дека ова е добро не само за корисниците, туку и самите заедници ќе почувствуваат бенефит зашто ќе бидат побогати за една поголема разновидност- додаде Винтон. 
 
Според шефот на канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс, грижата за децата во една држава е огледало за тоа какви вредности таа и луѓето во неа поседуваат. 
 
– Бевме шокирани од фактот што дури и некои наједноставни потреби на децата во Демир Капија не биле задоволени. Некои од тие деца ги нема посетено стоматолог или лекар специјалист. Со отворањето на овој центар кажуваме дека такво нешто веќе не сакаме да постои во државата- истакна Перкс.
 
Градоначалникот на Демир Капија Лазар Петров  го поздрави овој нов чекор на деинституционалзиацијата на Заводот, додека претседателот на Советот на општина Неготино Диме Витанов го истакна позитивниот пример со претходно деинституционализираните штитеници кои инклузивно живеат во станбени единици во Неготино, во рамки на неготинска „Порака”. 
 
Директорката на Заводот Александра Велковска напомена дека е многу потешко да се организра работата во голема институција, отколку во вакви станбени единици.
 
– Во Демир Капија повеќе корисници се во една соба, седум или осум, а тука се три дечиња во две спални. Негата што се пружа таму и овде никогаш нема да може да биде иста- нагласи Велковска.
 
На новинарско прашање, министерката одговори дека нема основа за страв кај вработените во Заводот, дека ќе останат без работа и кажа кои други заводи ќе се деинституционализираат.