Отворен ден на АРМ на плоштад „Македонија“

415
Маја Јаневска - Илиева

Со изведба на точката „Егзецир“ на гардата на АРМ и боречките вештини на армиските специјалци денеска на плоштадот Македонија во Скопје, Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија организираат отворен ден со граѓаните на Република Македонија насловен „АРМ со вас“.

Граѓаните ќе имаат можност да го слушнат и Воениот оркестар, а како дел од настанот ќе бидат претставени и оклопни возила на Армијата. на плоштадот ќе бидат поставени и штандови на кои сите граѓани ќе можат да се информираат за воената професија и огласот за прием на професионални војници кој е во тек. Пред граѓаните ќе се претстави и Воената академија, Центарот за обука на пилоти и Регионалниот центар за односи со јавноста, кој е единствен НАТО центар во Република Македонија.

На настанот предвидено е да присуствуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, претставници на воено-дипломатскиот кор во Република Македонија и други високи претставници на МО и АРМ.

Целта на отворениот настан, според Министерството, е граѓаните одблиску да се запознаат со својата Армија и нејзините капацитети и да се информираат за воената професија и јавниот оглас за прием на професионални војници кој е во тек.