Отворање на границите – темната и светлата страна

1021
Фото: Игор Бансколиев

Две изјави на двајца премиери на иста тема, но од сосема различен дискурс на гледање на работите, само покажуваат колку една иста тема на Балканот може да предизвика напнатост и тензии или, пак, да се релативизира и да ѝ се дадат сосема поинаква европска нота и толкување. И додека првиот, премиерот на Албанија, зборува за промена на границите заглавен во минатото, етноцентризмот, вториот, премиерот на Македонија, Заев, се надоврзува дека целосно би ги избришал границите меѓу државите, и сите други бариери што се пречка за економијата, што е всушност темелот на европската идеја.

Според домашните познавачи на состојбите, изјавата од страна на албанскиот премиер Рама ги обновува старите стравови во соседството дека почнува да се реализира идејата за создавање т.н. големи држави на Балканот, односно сонот за голема Албанија. И додека не стивнуваат реакциите во домашната јавност за протнувањето на „големонационализмот“ на албанскиот премиер низ призмата на одредени чудни тези, македонскиот претседател на Владата, Зоран Заев, вчера за домашните медиуми изјави дека во пораката на Рама препознава единствено економска бенефиција и забрзување на протокот на патници и стока.

– Јас би ги отворил сите граници веднаш, како што е во ЕУ, и знам дека довербата мора да ја пренесуваме едни на други. Процесот мора да продолжи, односно ние да им веруваме на институциите во Србија и во Албанија кога ги даваат документите за влез во Македонија – рече премиерот Заев запрашан претходно како ја анализира изјавата на неговиот албански колега дека и границата со Македонија треба да се отвори, откако тоа го направија Косово и Албанија во почетокот на оваа година. Премиерот Заев не гледа ништо спорно во изјавата на Рама за отворање на албанските граници кон соседите, во контекст на економските придобивки и подобар живот на граѓаните
Во меѓувреме идејата за отворањето на границите меѓу Албанија, Косово и Македонија различно беше протолкувана во јавноста, а според некои експерти може да ја наруши безбедноста на Балканот. Според професорот во пензија по меѓународно право Лазар Лазаров, „паѓањето“ на границите на Балканот е можно сценарио единствено кога земјите ќе станат полноправни членки на Унијата. Дотогаш секое друго „обединување“, за кое се залагаат некои од регионалните политичари затскриени во пораките за економската соработка на народите на Балканот, може да создаде непредвидени безбедносни проблеми.

– За жал, ние овде на Балканот сѐ уште живееме со средновековни сфаќања и не можеме да побегнеме од тоа од една страна. Од друга, и предвремено одење напред со футуристички изјави од типот „Балкан без граници“ макар тие биле и дадени во смисла на царински меѓудржавни олеснувања е нереално опасен чекор, кој во регионот но и кај нас лошо се толкува. Стравот од етнички мотивираните промени на границите на Балканот наспроти економските и трговските за кои се залагаа деновиве премиерите на Албанија, Косово но и на Македонија би можеле да ја отворат Пандорината кутија на Балканот. Секоја друга либерализација на границите е оправдана, но треба прецизно да се дефинира на што се мисли. Отворањето на границите меѓу Косово и Албанија за нашите балкански сфаќања е обединување на Албанците во една држава што и не е многу далеку од вистината. Сепак, ако посакуваме тоа да се случи мора прво да се направат услови да влеземе во ЕУ, каде што подоцна таму сакале или не како членки во едно европско семејство ќе бидеме без граници. Секоја друга конотација надвор од оваа, која ја напоменав, треба да се проанализира и разгледа сериозно, бидејќи регионот сѐ уште не е подготвен за вакви футуристички изјави – оценува Лазаров. Професорот во пензија додава дека единствено тогаш сите народи на Балканот, вклучувајќи ги и Македонците, би можеле да се обединат во ЕУ.

Слично размислува и поранешниот дипломат и амбасадор Ристо Никовски.
– Не треба да има никакви дилеми дека во заднината на изјавата на Еди Рама е големоалбанскиот проект ама на мала врата. Отворањето на границите меѓу Албанија и Косово е првиот и формален ама најголем исчекор во нивно меѓусебно обединување. Од друга страна, идејата за Европа и Балканот без граници има позитивна конотација и за тоа се залагаме сите. Меѓутоа кога некој има скриени намери со него не се прави куќа бидејќи на крајот ќе ве излаже. Токму затоа се и различните толкувања на изјавите на Заев и на Рама. Треба сите да одиме на релативизирање на границите, но тоа да биде во рамките на обединета Европа и Унијата откако ќе бидеме полноправни членки – вели Никовски.